Од Израел вратени 60 наши граѓани, останатите 90 се очекуваат во текот на утрешниот ден

Досега се контактирани 150 наши граѓани од Израел, од кои 60 веќе стигнаа, а останатите 90 очекувам утре, во текот на денот сите да бидат вратени во Северна Македонија, информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Амбасадата во Каиро, нагласи Османи, е во комуникација со еден брачен пар што се наоѓа внатре во загрозените подрачја во Газа, што е изолиран од Израел, откако не успеале да излезат пред да се затвори единствениот граничен премин со Египет,

„Тие во моментот се безбедни. Ситуацијата таму е многу променлива, и тие можеме да сметаме дека се во некаков ризик. Работиме и со властите во Египет, за да ги ослободат да излезат, а потоа ќе организираме превоз од Египет. Меѓутоа, засега немаме начин како да ги извлечеме од Газа“, изјави Османи.

Дел од граѓаните кои беа затекнати во загрозените подрачја во регионот на Газа, ноќеска со авион пристигнале во Атина и веќе се на пат кон својот дом. Во Атина, Османи посочи дека тие биле пречекани од нашата амбасада, од каде со автобус се префрлени до граница, од каде МНР ги презема со возила и ги носи до нивните домови.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

„Така беа вратени ноќеска петмина, а утринава дополнително 17 од тие дваесетина што беа во загрозените подрачја пристигнаа веќе во Атина и во моментот се на пат кон Солун и МНР организира превози и ги пречекува на граница и организира превоз до нивните домови“, изјави Османи.

Според Османи, првично фокусот бил да се идентификуваат, контактираат и извлечат од загрозените подрачја нашите граѓани, и потоа да се пренесат до Тел Авив, каде и имало функционален аеродром. Османи, исто така, се заблагодари и посочи дека дел од вратените граѓани се преку Јордан, Албанија, Турција, Црна Гора и Србија. Тој додаде дека имало и случаи на контактирани граѓани кои одбиле да заминат, но без да ја посочи нивната бројка.

Шефот на дипломатијата најави дека се прават напори од Владата за организирање лет со кој би се вратиле преостанатите македонски државјани од Израел, за што најави дека ќе информираат денеска попладне.

Прашан за коментар за информациите од Еврејската заедница во земјава, за наводно загинати тројца македонски државјани во Израел, Османи рече дека, немаат такви информации.

МИА

- Реклама -