Борел: Има јасна разлика меѓу Хамас и палестинскиот народ и власти, не смееме да ја прекинеме поддршката сега

На денешниот вонреден состанок на министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ со огромно мнозинство, со исклучок на две или три членки, е донесена одлука дека Унијата мора да продолжи со поддршката и финансирањето на палестинските власти и нема да има кратење на исплатата на развојната помош, изјави вечерва во Мускат високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел.

– Европската комисија и некои земји членки предложија ревизија на тоа кој ги добива овие средства, за да бидеме сигурни дека нема поврзаност меѓу нашата поддршка и терористичките активности на Хамас, но таа ревизија не треба да биде изговор за одлагање на нашата соработката, истакна Борел на прес-конференција по вонредната средба на шефовите на дипломатиите на ЕУ посветена на израелско-палестинскиот конфликт.

Според него, би претставувало голема грешка ако во овој критичен момент се прекине соработката со палестинските власти, бидејќи тоа би претставувало најголем подарок што може да му се даде на Хамас и би ги загрозило односите на Унијата со арапскиот свет.

– Во услови кога има зголемен број раселени лица, не смееме да ја прекинеме поддршката, рече Борел, истакнувајќи дека ЕУ напротив мора да ја зголеми хуманитарната поддршка за жртвите на актуелните трагични настани.

Борел нагласи дека на средбата се разговарало „за драматичните моменти со кој се соочуваме од саботата, кога Хамас го нападна Израел со масовни убиства на цивили и со киднапирање на луѓе“, при што министрите ги споделиле своите ставови и реакции за случувањата на теренот.

– Изразивме осуда на терористичките напади, осуда на нападите врз цивили, побаравме ослободување на заложниците, заштита на цивилите и почитување хуманитарното и военото право, што значи да нема блокади на храната, водата и електричната енергија за цивилното населени во Газа, отворање на хуманитарни коридори, згрижување на луѓето кои побегнаа од бомбардирањето во Газа и да им се овозможи влез во Египет, истакна Борел.

Според него, овие критични настани треба да ја разбудат свеста за потребата од навраќање на проблемот на Палестинците и Израел.

– Израел има право на самоодбрана, но тоа мора да биде во согласност со меѓународното хуманитарно право. Сепак, некои одлуки се во спротивност со ова право, додаде Борел.

Тој нагласи дека Унијата мора да ја продолжи соработката со палестинските автономни власти, бидејќи, како што рече, има јасна разлика меѓу Хамас и палестинскиот народ и власти.

– Ние го сметаме Хамас за терористичка организација и движењето тоа го потврди однесувајќи се на ваков начин, но палестинските власти се нешто сосема друго. Палестинските власти се наш партнер. Ние не соработуваме со Хамас, но соработуваме, ги поддржуваме и ќе работиме со палестинските власти. Сите Палестинци не се терористи, па затоа колективното казнување на сите Палестинци би било нечесно и контрапродуктивно. Тоа би било против нашиот интерес и интересот на мирот, додаде Борел.

Прочитајте и:  ЕУ го казни Фејсбук со 800 милиони евра

Тој нагласи дека ЕУ мора да ја засили соработката со арапскиот свет и да се поддржат напорите на Саудиска Арабија, Лигата на арапските држави, Египет и Јордан за заживување на мировниот процес на Блискиот Исток.

– Мораме да го потсетиме светот дека палестинскиот проблем се уште постои. Постигнувањето мир меѓу Израел и арапските земји е добро, но неопходно е да се воспостави мир и со Палестинците. Во спротивно циклусот на насилство, ќе се повторува постојано, истакна Борел.

Тој додаде дека е реафирмирана поддршката на решението за создавање две држави – Израел и Палестина, бидејќи, како што рече, не знаеме за друго решение.

– Затоа мора да работиме тоа да стане остварливо, иако сега 30 години по Договорот од Кејмп Дејвид тоа изгледа подалечно од кога било досега, рече Борел.

Тој потсети дека претпладнево се одржа, како што рече важен состанок на Совет за соработка на ЕУ и Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ), на кој е изразена поддршка на понатамошно консолидирање на стратешкото партнерство меѓу двете организации и на заедничка посветеност да се работи на постигнување мир меѓу Израел и Палестинците.

Во заедничката изјава по средбата на Советот за соработка ЕУ-ГЦЦ се нагласува дека министрите изразиле длабока загриженост за сериозните случувања во Израел и Газа и ги осудиле сите напади врз цивилите, при тоа повикувајќи на заштита на цивилите и потсетувајќи ги страните вклучени во конфликтот на нивните обврски според универзалните принципи на меѓународното хуманитарно право.

– Повикуваме на воздржаност, ослободување на заложниците и дозволување пристап до храна, вода и лекови според Меѓународното хуманитарно право, нагласувајќи ја итната потреба од политичко решение на кризата за да се избегне повторување на овој маѓепсан круг на насилство. Министрите на ЕУ и ГЦЦ се решени да изразат жалење за насилството и да повикаат на воздржаност и смиреност од сите страни и се согласија да продолжат со консултациите и да останат ангажирани, се наведува во заедничката изјава од денешниот состанок на министерскиот Совет за соработка на ЕУ и ГЦЦ, во која се повикува и на запирање на сите акти на насилство и какви било унилатерални мерки, на ставање крај на насилството и трасирање на патот кон мир и безбедност.

МИА

- Реклама -