„Еурактив“: ЕУ подготвува мерки против Србија поради настаните во Бањска

Истрагата на „Балкан Инсајт“ дојде до сознанија дека оружјето користено во нападот врз косовската полиција на 24 септември во северно Косово било произведено во Србија во 2022 година, додека некои минофрлачки гранати и бомби биле репарирани во српските центри за поправки и одржување во 2018 и 2021 година, што го зголеми притисокот врз ЕУ од регионални лидери, Приштина и од членови на Европскиот парламент за воведување мерки против Србија, наведува „Еурактив“.

Според порталот, трпението на ЕУ кон Белград е при крај откако се појавуваат се повеќе докази за поврзаност на Србија со нападот, вклучително и вмешаноста на соработник на синот на српскиот претседател Александар Вучиќ. Меѓу лицата за кои засега има сознанија дека биле поврзани со нападот кај Бањска се сега веќе поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ. кој поднесе оставка по обелоденувањето на овие информации, потоа личниот телохранител на шефот на БИА, Александар Вулин, Бојан Мијаиловиќ, како и блискиот соработник на синот на Вучиќ, Данило, Милорад Јевтиќ.

Европратеничката и известувач за Косово, Виола фон Крамон, оцени дека тешко е да се верува дека српскиот претседател Вучиќ не знаел што се случува во врска со опремувањето со оружје или организирањето на групата што го изврши нападот врз косовската полиција.

Според неа, заканите за стабилноста на Западниот Балкан „првенствено доаѓаат од Србија и недостигот на политичка волја за изнаоѓање решение“.

– Овој пат е јасно дека трпението со претседателот Вучиќ е намалено… Како оклопните возила со оружје и воена опрема стигнаа на северот? Кој стоеше зад тоа и кои криминални групи се уште се кријат таму?, додаде Фон Крамон.

Прочитајте и:  Борел предложи ЕУ да го прекине политичкиот дијалог со Израел

Таа смета дека Србија мора да соработува во истрагата за нападот, а ако не го стори тоа, ЕУ ќе преземе акција.

– Зборуваме за политички и финансиски мерки или мерки поврзани со пристапните преговори. Имаме на располагање многу алатки и знаеме дека не е во интерес на претседателот Вучиќ работите да излезат од контрола, особено што тој најави избори за во декември, смета Фон Крамон.

Таа истакна дека овие мерки, а не санкции, терминологија на која инсистира ЕУ, се веќе подготвени и тие првенствено ќе се однесуваат на ограничување на пристапот до ИПА фондовите, додавајќи дека додека не заврши истрагата за нападот не може да има ни продолжување на дијалогот Белград-Приштина со посредство на ЕУ.

ЕУ кон крајот на летото воведе мерки кон Приштина поради неуспехот на косовските власти да ги смират тензиите на северот од Косово.

Портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано на вчерашниот редовен пладневен брифинг, како што јави дописникот на МИА од Брисел, изјави дека ЕУ очекува целосна и безусловна соработка од страна на Србија во истрагата за нападот.

– Има многу начини како да се придонесе во истрагата, бидејќи тоа што се случи на 24 септември е многу сериозно и мора целосно да се истражи, изјави Стано, додавајќи дека целта на истрагата е да се добие јасна слика за тоа што се случи, кои беа учесниците во нападот и кој го оркестрирал, по што ЕУ ќе донесе одлука за следниот чекор во нејзиниот пристап кон Србија, Косово, дијалогот и регионот.

МИА

- Реклама -