Николоски: Најмалку пет земји членки на ЕУ мислат дека не заслужуваме ниту почеток на преговори за ЕУ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната дебата во Струга, насловена „Борба со криминал и корупција, темелна европска вредност“, во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ изјави дека пет големи земји членки на Европската унија сметаат дека земјава не заслужува ниту почеток за преговори за членство со Унијата поради, како што рече, високиот степен на криминал и корупција.

„Доколку Македонија беше според перцепција за корупција во првите 30 во светот, а не во првите 100 како што е во моментот, верувајте многу поразлично ќе изгледаше проблемот со нашиот сосед Бугарија. Затоа што во моментот најмалку пет земји членки на ЕУ, не мислам на Германија, но мислам на останатите, мислат дека Македонија не заслужува ниту почеток за преговори за членство со ЕУ, пред сè заради високо ниво на криминал и корупција, и затоа не се врши притисок врз Бугарија. Нема притисок, затоа што мислат дека државата не е спремна“, рече Николоски.

Корупцијата, нагласи, ја има „од најниско до највисоко ниво, од шалтерски работник до премиер“, забележувајќи дека граѓаните се иселуваат поради немање ред и поредок во државата.

Потсети на, според него, корупциски скандали на Владата на СДСМ и ДУИ, кои, како што рече почнале со формирањето на Владата, набројувајќи некои од нив.

И пратеникот Драган Ковачки и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, се осврна на коруцијата во државата, со забелешка дека власта помага и ги прикрива кривичните дела поврзани со високи форми на корупција.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

„Факт е дека кога прашувате за институциите, блокадите на борбата со корупцијата доаѓаат од самата власт. Власта е директно одговорна за блокадите кон нашиот евроинтегративен процес. Имаме еден институционализиран криминал каде што институциите кои што се задолжени за борба со корупцијата наместо да ја сузбиваат и процесуираат, тие се нејзини главни помагатели“, рече Ковачки.

Тој говореше за недовербата на граѓаните во системот изнесувајќи бројки од неодамнешна анкета во која, според него, 85 отсто од граѓаните имаат недоверба во системот, знаат дека нема владеење на правото и дека корупцијата е во нагорна линија.

Општина Струга, како што истакна претседателот на Општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ, Ален Деребан, е класичен пример за непочитување на правната држава и оти криминалот метастазира во секоја општествена сфера.

„Општина Струга е класичен пример за непочитување на правото и правната држава, во моментов е управувана од урбана мафија која секојдневно врши злоупотреба на законите за просторно и урбанистичко планирање, градење и постапување со бесправно изградени објекти. Во Општина Струга урбанистичките планови се носат за задоволување на бизнис интересите на поединци, а не за општиот интерес на сите граѓани“, рече Деребан.

Тој посочи примери на злоупотреби кога градоначалникот давал решение за реконструкција, а на терен се граделе нови објекти. Кажа дека организираниот криминал метастазира и во образованието, економијата, јавните набавки, културата, спортот и во сите сфери од општественото живеење.

- Реклама -