Според членот 81, претседателот на Собранието може да ја прекине седницата доколку нема кворум за одлучување, а може да ја прекине и во ситуации за кои тој ќе оцени дека треба да ја прекине, изјави собранискиот спикер Талат Џафери во гостувањето на „Вин Вин“ на ТВ „Телма“, за седницата за гласање на уставните измени.
Во овој случај станува збор за втората причина, односно за ситуација во која спикерот оценил дека седницата треба да се прекине, рече Џафери.
„Мое ексклузивно право е да оценувам дали да прекинувам седница или не. Ова право ми е загарантирано со Деловникот“, категоричен е претседателот на Собранието.
Во однос на претседателските избори, според Џафери, нема дилема дека тие мора да бидат редовни, а за да бидат редовни мора да бидат во последните 60 дена од мандатот на актуелниот претседател на државата. Мандатот, како што рече, завршува на 12 мај.
„Реперот е 12 мај, кога истекуваат 60 дена од мандатот. Вториот круг на претседателските изброи најдоцна може да биде на 5 мај“, посочи тој.
За парламентарните избори, во редовна постапка, тие мора да бидат во последните 90 дена од мандатот на тековниот состав.
„Прв ден најрано за изборите е 5 мај. Ако сакаме редовни претседателски и парламентарни избори, тие се сретнуваат на 5 мај. Сè надвор од 5 мај се предвремени избори и треба да се распушти Собранието“, подвлече Џафери.
Извор: МИА