Русија планира поморска база во отцепениот грузиски регион Абхазија, тврди шефот на регионот

Русија планира поморска база на брегот на Црното Море на отцепениот грузиски регион Абхазија, изјави денеска шефот на тој регион за весникот „Известија“, еден ден по средбата со претседателот Владимир Путин.

Аслан Бжанија, самопрогласен претседател на отцепениот регион поддржан од Русија, рече дека е потпишан договор за постојана поморска база во регионот Очамчира.

„Потпишавме договор и во блиска иднина ќе има постојана база на руската морнарица во областа Очамчира“, изјави Бжанија за „Известија“.

„Сето ова е насочено кон зголемување на нивото на одбранбените способности и на Русија и на Абхазија, и овој тип на интеракција ќе продолжи. Има и работи за кои не можам да зборувам“, рече Бжанија.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

Русија ги призна Абхазија и друг отцепен регион, Јужна Осетија, како независни држави во 2008 година, откако руските сили го одбија обидот на Грузија да ја врати контролата врз Јужна Осетија во петдневната војна што заврши на 12 август 2008 година.

„Волстрит џурнал“ објави дека Русија го повлече најголемиот дел од својата Црноморска флота од својата главна база во анектираниот Крим поради украинските напади.

Засега нема коментар од руска страна.

МИА

- Реклама -