Будимпешта сè уште ја блокира воената помош за Украина поради унгарската банка ОТП

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека неговата влада сака гаранции од Киев дека унгарската банка ОТП, која Украина неодамна ја отстрани од листата на „руски воени спонзори“, нема да биде вратена на тој список.

Сијарто рече дека одлуката од понеделникот на Националната агенција за спречување на корупцијата на Украина за отстранување на ОТП банка од списокот е „чекор во вистинската насока“, но дека на Унгарија и требаат дополнителни гаранции пред да го промени својот пристап кон Украина.

Унгарското Министерство за надворешни работи ја повика антикорупциската служба на Украина да дојде во Будимпешта „што е можно поскоро“ за да разговара за ОТП банката.

– Доколку таму се постигне охрабрувачки договор, тогаш секако ќе треба да размислиме кои чекори тоа ги оправдува од наша страна, рече Сијарто.

Прочитајте и:  Србија се усогласи со пет одлуки на ЕУ, но не и со мерките против лидерите на Придњестровје

Украина ја стави ОТП на листата на „руски воени спонзори“ во мај како одговор на одлуката на банката да продолжи да работи во Русија и таму да плаќа даноци.

Како одговор, Унгарија го блокираше пакетот воена помош од 500 милиони евра на ЕУ за Киев од мај, и соопшти дека нема да го укине своето вето додека ОТП не биде отстранета од листата. Минатата недела, украинската агенција за борба против корупцијата привремено ја отстрани ОТП банката од листата во надеж дека Будимпешта ќе го укине нејзиното вето за финансирање на Украина.

Сепак, унгарските власти сигнализираа дека привременото отстранување не е доволно, па украинската агенција за борба против корупцијата во понеделникот целосно ја отстрани ОТП од списокот.

МИА

- Реклама -