Министерството за надворешни работи на Словачка денеска повика претставник на руската амбасада во Братислава поради изјавата на директорот на Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација (СВР) Сергеј Наришкин, објавена за време на изборниот молк пред парламентарните избори.
„Одделот за дипломатија силно протестира против лажните изјави на руските разузнавачки служби, со кои се доведува во прашање интегритетот на слободните и демократски избори во Словачка, изјави портпаролот на министерството“, Матуш Давид.
Тој додаде дека намерното ширење на дезинформации е „недозволиво мешање на Руската Федерација во изборниот процес во Република Словачка, која како независна, суверена и демократска држава им гарантира на своите граѓани фер и транспарентен изборен процес“.
Во исто време, словачкото Министерство за надворешни работи ја повика Русија да престане со „активностите за дезинформирање“ насочени против Словачка. Давид посочи дека таквата постапка ги поткопува меѓусебните односи и е во спротивност со принципите на меѓународните односи.
Шефот на СВР Сергеј Наришкин минатата недела изјави дека „во последно време има зголемено мешање на администрацијата на Џо Бајден во внатрешно-политичката ситуација во Словачка, што е поврзано со нејзината подготовка за предвремени парламентарни избори“.
На изборите одржани во саботата на 30 септември партијата Смер-ССД на поранешниот премиер Роберт Фицо освои најмногу гласови, речиси 23 отсто. За време на предизборната кампања тој вети дека ќе престане да испраќа воена помош за Украина и додаде дека е против санкциите против Русија.
Руската амбасада во Словачка денеска ги отфрли обвинувањата на словачкото Министерство за надворешни работи дека Москва се мешала во парламентарните избори во Словачка.
МИА