Молдавија повеќе нема да купува гас од Русија

Молдавија повеќе нема да купува гас од руската компанија Газпром, изјави молдавскиот министер за енергетика Виктор Парликов за време на видео-обраќање на Евроатлантскиот форум за одржливост во Букурешт.

Тој соопшти дека Кишињев купувал гас од европскиот пазар, под услови кои се поповолни од оние што Кишињев ги има во договорот со Газпром, информира Радио Молдавија.

„Повеќе нема да купуваме природен гас од Газпром за територијата што ја контролираат уставните власти, бидејќи во Република Молдавија сè уште имаме дел од територијата што не ја контролираме – сепаратистички регион“, рече Парликов.

Според него, благодарение на евроатлантските партнери, Молдавија успешно го зајакнува енергетскиот сектор.

„Комерсант“ пишува дека молдавските власти му понудиле на Газпром да склучи договор за порамнување, според кој руската компанија и нејзините структури ќе и ги отпишат долговите на молдавската енергетска компанија Молдовагас.

Прочитајте и:  ЕУ размислува да го замени рускиот течен гас со американски гас, објави Урсула фон дер Лајен

За возврат се очекува Кишињев да гарантира дека нема да поднесе тужба против Газпром поради намалувањето на испораките и оти на руската компанија ќе и плати отштета од 145 милиони евра.

МИА

- Реклама -