Пред пет години на 30 септември во земјата се одржа референдумот на кој се гласаше за Договорот од Преспа и со тоа и промената на името на државата во „Северна Македонија“ за надворешна и внатрешна употреба.
Референдумот се одржа на 30 септември 2018 година, а од вкупно 1.806.336, на референдумот излегоа 666.743 граѓани, од кои 609.813 гласаа „за“, а 37.700 гласаа „против“, додека 19.230 ливчиња беа прогласени за неважечки. Огромен број од граѓаните отворено го бојкотираа референдумот, што резултираше со тоа одлуката на референдумот (за прифаќање на договорот и промена на името на државата) да не биде усвоена поради неисполнување на условот за цензус, односно затоа што не гласаа повеќе од половината граѓани запишани на избирачкиот список.
Референдумското прашање гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.
Договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија беше потпишан на 12. јуни 2018 година за промена на името на државата во „Северна Македонија“ и решавање на повеќедецинискиот спор со името. Името на земјата беше променето со гласање на дветретини од пратениците во Парламентот.
По повод годишнината, денеска се огласи и поранешниот премиер Зоран Заев, кој со тогашниот грчки колега Алексис Ципрас го договорија Договорот од Преспа. На Фејсбук, Заев напиша дека „30 септември 2018 година е важен ден во современиот развој на Северна Македонија“.
„30 септември 2018 година е важен ден во современиот развој на Северна Македонија. Тоа е денот кога македонските граѓани од сите етникуми во огромен број излегоа да дадат поддршка на историскиот Договор од Преспа, со цел земјата да ни стане членка на НАТО и ЕУ и со цел да создадеме трајно пријателство со нашиот сосед Грција.
610.000 граѓани гласаа ЗА на референдумот и ја поддржаа каузата “Излези ЗА европска Македонија” што е најголемата поддршка дадена при непосредно гласање после независноста. Бројот на гласови ЗА е поголем од бројот на гласови на сите победници на сите избори во историјата на државата.
Иако опозицијата го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излеговме масовно, гласавме и потоа заедно со нашите сојузници успеавме да ја внесеме земјата во НАТО, а денес веќе сме во почетната фаза од преговорите со ЕУ. Во меѓувреме, односите со Грција доживеа историски пресврт и денес на наша страна имаме уште еден сосед, силен сојузник од редовите на ЕУ и НАТО.
Пет години после референдумот за нашиот историски исчекор напред, исправени сме пред нови комплексни предизвици. Нашата влада успеа да најде компромисно решение со Бугарија претставено во европскиот предлог и во нашата преговарачка рамка, а дел од тоа решение содржи и наши обврски за кои е неопходен натпартиски мнозински договор.
И кога веќе сите партии демонстрираат одлучност за членство на Северна Македонија во ЕУ, време е за нов македонски успех. Во тоа име повикувам на одговорност и на постапки со кои ќе ги обезбедиме сите услови и ќе го искористиме поволниот геополитички момент за наше членство во Унијата најдоцна до 2030 година. #МКвоЕУ “, напиша Заев на Фејсбук.