Европската Унија суштински се противи на глорификацијата на криминалците, терористите и жалоста за нив, изјави за Радио Слободна Европа портпаролот на ЕУ, Петер Стано, по повод прогласувањето Ден на жалост во Србија по нападот во селото Бањска во општина Звечан, северно Косово.
Стано потврди дека на 25 септември, кога беше прогласен ден на жалост во Косово, Канцеларијата на ЕУ во Приштина го спушти знамето на ЕУ на половина копје во чест на убиените и ранетите косовски полицајци, „жртви на страшниот терористички напад во неделата“. Тој потенцираше дека тоа не го направила делегацијата на ЕУ во Белград на 27 септември, кога во Србија беше ден на жалост.
Напаѓачите никогаш не треба да се поистоветуваат со жртвите, рече Стано во писмената реакција до Радио Слободна Европа.
Во неделата, косовската полиција го истражувала теренот околу селото Бањска на северот на земјата, кога во раните утрински часови група маскирани и вооружени лица ја нападнаа полицијата. Во престрелката убиен е еден полицаец, како и тројца напаѓачи од српска националност.
Овој напад наиде на осуда од меѓународната заедница, а ЕУ оцени дека станува збор за „терористички напад“.
МИА