Болницата во Нови Пазар згрижила повредени Срби од Бањска, неколкумина префрлени во поголеми установи во Србија

Србите повредени во конфликтот со косовската полиција во селото Бањска на северот на Косово, добиле прва медицинска помош во Општата болница во Нови Пазар, по што биле префрлени во други здравствени установи во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопшти Н1, на интензивна нега на хируршкото одделение на болницата во Нови Пазар биле забележани мажи на возраст од 26 и 29 години. Едниот бил примен со прострелни рани во раката и ногата, додека другиот бил застрелан во градниот кош, но нема прострелна рана бидејќи бил заштитен со панцир.

Весникот „Данас“ јави дека од вчера попладне двајцата мажи повредени во Бањска повеќе не се во болницата во Нови Пазар и се префрлени во поголема здравствена установа, најверојатно на Воено-медицинската академија (ВМА) на Бањица во Белград.

„Данас“ наведува дека во понеделникот во период од 12 до 13 часот во придружба на полицијата било донесено уште едно повредено лице со прострелна рана во ногата. По укажаната помош и тој е префрлен во друга здравствена установа.

Прочитајте и:  Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид

Во неделата медиумите објавија дека пред хируршкото одделение на болницата во Нови Пазар имало видливо полициско присуство, што не е случај денеска.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља изјави дека во болницата во Нови Пазар има шестмина повредени напаѓачи и побара од српските власти да ги испорачаат.

Општата болница во Нови Пазар е здравствената установа на територијата на Република Србија која е најблиску до местото во Косово каде се случи инцидентот.

Од Србија може да се оди пеш по шумски патишта до центарот на Бањска, а на таа траса нема официјални гранични премини со Косово. На врвот на Рогозна има две куќи, но тој премин никогаш не стана официјален и се смета за нелегален.

МИА

- Реклама -