Ковачев: Со новите измени јавно ќе бидат познати сите кои земале бугарско државјанство во последните 22 години

Наскоро јавно ќе бидат македонски државјани кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на бугарско потекло и признание за бугарска самосвест, објави бугарскиот европаратеник Андреј Ковачев, поздравувајќи ги измените на Законот за бугарско државјанство кои бугарските парламентарци претходно неделава ги разгледаа без дебата и ги поминаа на прво читање.

Измените се на предлог на лидерот на „Преродба“ Костадин Костадинов и група пратеници од 10 мај 2023 година, како и на Николај Алгафари (ГЕРД-СДС) и Радомир Чолаков (ГЕРБ-СДС), поддржани од група бугарски пратеници.

Ковачев, на Фејсбук, не ја криеше радоста, прогласувајќи дека „неговата лична битка“ (за обелоденување на имињата на оние од Македонија кои земале бугарски државјанства) која, вели, ја водел повеќе од десет години, конечно е на пат да стане реалност.

Ковачев објасни дел од измените:

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

1. Церемонијата за добивање бугарско државјанство ќе биде свечена и јавна.

2. Регистарот на сите приматели на бугарско државјанство станува јавен.

„Со последната измена јавно ќе бидат познати сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на докажано бугарско потекло и декларација за бугарска самосвест. Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои и многу поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, раководители на сектори, раководители на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства, ќе бидат јавно заштитени од говорот на омраза и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари. Очекувам брзо усвојување на второто читање на измените на законот!“, објави на Фејсбук Ковачев.

- Реклама -