ДКСК со иницијатива за кривично гонење на Мерко и други лица за отуѓување на земјиште во центарот на Струга

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за случај за отуѓување на 143 м2 државен имот во центарот на Струга на денешната седница донесе одлука за поведување иницијатива за кривична постапка против градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко, вработени во општината, геодетско друштво, стручни лица, како и да се преиспита работењето на судии од Управниот суд и Вишиот управен суд.

„Се отвораат сериозни сомнежи за искористување, поткуп, злоупотреба на службена положба и овластување кај службеното лице Рамиз Мерко, кај претседателот на Комисијата, неговата сопруга, геодетските лица, стручните лица, судиите и стручните лица од Управниот суд и Вишиот управен суд и.т.н. да се поднесе иницијатива за кривично гонење, а на подносителот ќе му дадеме предлог согласно членот 66 од нашиот закон да побара ништовност на документот издаден од катастрарот“, истакна претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Образложувајќи ја постапката Ивановска кажа дека се работи за земјиште во центарот на Струга кое се отуѓило на Инекс Дрим АД Струга, поврзан со субјект од Австрија кој работи во областа на игрите на среќа, коцкарница и кладилница. Со тоа, како што додаде таа, пред ДКСК се отвораат и сомнежи за перење пари и поткуп заради стекнување корист по пат на отуѓување на земјиште и тоа во централното градско подрачје на Струга.

„За да се одговори позитивно на барањето за отуѓување на земјиштето на Инекс Дрим АД Струга, Општина Струга започнала со пренамена од пат на градежно земјиште. Наместо тоа да биде на товар на Општината товарот го платила фирмата која што барала да го откупи земјиштето а тоа е Инекс Дрим АД Струга. Понатаму при пренамената, крајно незаконски е оформена нова катастарска парцела со спојување на означени катастерски парцели за да може јавното добро пат да се прикаже како градежно земјиште. Понатаму при пренамена геодетската фирма никогаш не излегла на терен туку верувала на документацијата што ја добила од Општината иако во геодетскиот елаборат јасно е нацртано дека под куќата на подносителот на јужната страна има премин“, појасни Ивановска.

Прочитајте и:  Антикорупциска иницира постапка против Костадиновска Стојчевска за злоупотреба на буџетски средства за приватни цели

Како што рече таа, со цел да се заведе оваа незаконитост, градоначалникот Рамиз Мерко заверил фалсификуван документ на кој не е евидентиран преминот на јужната страна.

„Управниот суд и Вишиот управен суд ги отфрлиле тужбите и жалбите на подносителот, не се впуштиле во расправање на состојбите и не воделе сметка за ништовноста на правните акти во смисла на членот 66 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Исклучок е само една пресуда. Поткрепа за овие состојби наоѓаме и во новоизработениот геодетски елаборат кој што се направи во текот на постапката која што се водеше во ДКСК, а кој подносителот го достави во оригинал до нас. Во овој геодетски елаборат е наведено дека цитирам: предметната зграда е погрешно прикажана во катастраскиот план бидејќи таа во 1970 година постоела и денеска постои на теренот и како таква требало да биде евидентирана во Катастарот согласно членот 12 од Правилникот за премер којшто гласи конзолно наддените делови на зградата не се пресметуваат во површината на земјиште на зградата“, рече Ивановска.

Претседателката на ДКСК кажа и дека во случајот се констатирани судир на интереси на лице вработено во општината, кое било претседател на Комисијата за отуѓување на земјиштето, и кое постапувајќи по предметот за Инекс Дрим АД Струга за отуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба во својство на претседател, прифатил геодетски елаборат од геодетска фирма во која работела и се уште работи неговата сопруга. Тој притоа овозможил остварување имотна корист за геодетската фирма, а со тоа корист и на неговата сопруга.

Подносител на барањето е лице, сопственик на куќа на чие земјиште на 10 м2 се впишани како пат. Во овие 143 м2 квадратни е влезен и патот.

МИА

- Реклама -