Кремљ: Путин нема да присуствува на погребот на Пригожин

Рускиот претседател Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на водачот на платениците на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој загина при урнувањето на неговиот авион минатата недела, соопшти денеска Кремљ.

Авионската несреќа се случи два месеци откако Пригожин и неговите платеници започнаа бунт против највисоките воени команданти на Путин, во кој ја презедоа контролата врз јужниот град Ростов и напредуваа кон Москва пред да се вратат кога беа на 200 километри од главниот град.

„Присуството на претседателот не е предвидено“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинарите на прашањето дали Путин ќе присуствува.

Песков рече дека Кремљ нема конкретни информации за погребот кој го организира семејството.

Инспекторите во неделата соопштија дека генетските тестови потврдиле дека Пригожин бил меѓу 10-те лица кои загинале во авионот.

Кремљ ја отфрли како „апсолутна лага“ сугестијата на некои западни политичари и коментатори дека Путин го наредил убиството на Пригожин од одмазда.

МИА

- Реклама -