Ковачевски – Фон дер Лајен: Силна поддршка од ЕУ за европската интеграција, да не се пропушти единствената шанса

Најновиот развој на настаните во контекст на отпочнувањето на процесот на уставни измени, за кои земјата ја има поддршката на ЕУ со цел продолжување на процесот на европска интеграција, била тема на разговор на денешната средба во Атина меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, соопшти Владата.

На средбата, што се одржала во рамките на посетата на Атина по повод 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ на Самитот ЕУ-Западен Балкан, била истакната важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјата.

Премиерот Ковачевски и претседателката на европската комисија Фон дер Лејен, информираат од владината прес-служба, размениле мислења за текот на скрининг процесот и очекуваното отворање на првите кластери од преговорите.

Двајцата соговорници се осврнале на придобивките за земјите од Западен Балкан од новиот план за раст на претседателката Фон дер Лејен, како што се приближувањето до единствениот пазар на ЕУ и продлабочувањето на регионалната економска интеграција, кои, како што се нагласува, се исклучително важни за секоја од земјите.

Клучно за земјите од Западен Балкан е да се забрзаат фундаменталните реформи, за што ЕУ ќе ги зголеми претпристапните средства за земјите од регионот.

На тема предностите на членството во ЕУ, уште еднаш било потенцирано дека е од клучна важност да не се пропушти оваа шанса за членство на земјава во Унијата.

На средбата се разговарало и за состојбите и перспективите на земјите во регионот на Западен Балкан, чија евроинтеграција, се нагласува, има геостратешка и безбедносна важност за цела Европа.

- Реклама -