Секое едно нереално покачување на пензиите ќе ја доведе во ситуација стабилноста на Фондот за пензиско осигурување. Не сакаме да бидеме популисти и да дадеме линеарно зголемување или зголемување на пензиите коишто ќе ги задоволат пензионерите за да после три-четири месеци ниеден пензионер во државата не земе пензија. Мора да се води сметка за стабилноста на Фондот, мора да се води сметка за секој пензионер секој месец да си ја добива пензијата која што си ја заслужил, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во Дневникот на Сител.
Таа во контекст на денешниот протест на пензионерите и нивните барања за линеарно зголемување од 3500 денари на сите пензионери посочи дека тоа би изнесувало околи 220 милиони евра годишно и дека ваквото зголемување ќе ја стави под прашање стабилноста на фондот. Според неа, не се работи за популизам, туку треба да се размислува на системски решенија на долг рок.
-Не е праведно некој кој работел 30-40 години и исто толку години придонесувал во фондот, да се изедначува со некој кој работел 15 години, рече Тренчевска.
Во однос на новата методологија на пресметка на пензиите која беше усвоена во 2022 година подвлече дека таа претставува системско решение со кое пензиите растат на долг рок при што два пати годишно се врши усогласување со трошоците за живот и просечната плата.
-За само една година и осум месеци од овој владин состав пензиите пораснаа за 24 отсто. Минималната пензија беше 9000 денари денес е 12.500 денари, тоа е зголемување за 3500 денари. Воспоставивме систем во кој постојано растат пензиите. Оваа методологија кога ја донесовме сите пензионери беа задоволни. Никој не се бунеше. Јасно е кој стои зад организацијата на овие пензионери кога ќе го видите иницијативниот одбор дека се членови на опозициска политичка партија, вели министерката за труд и социјална политика.
Тренчевска нагласи дека барањата на пензионерите ќе бидат разгледани и оти заедно со Сојузот на пензионери ќе се разговара за сите отворени прашања. Според неа, усогласувањето на септемвриската пензија можно е да изнесува и повеќе од шест проценти.
-Не знаеме колку. Ние правиме проекции, меѓутоа на средината од август, кон крајот на август, еве за една недела ќе ги имаме податоците. Може да биде и седум. Ќе ги имаме точно податоците од Статистика колку биле трошоците на живот за претходното полугодие во споредба со претходното и колку бил порастот на просечната плата. И така ќе го добиеме коефициентот. И ова е најдобра методологија затоа што и кога нема да има инфлација, а просечната плата ќе ни расте постојано и тоа го гледаме во изминатиот период ние ќе имаме повторно покачување на пензиите. Нема да има инфлација, а ќе има пораст на пензиите, рече Тренчевска.
Министерката посочи меѓу другото и дека се прават напори да се внесат што повеќе лекарства на позитивната листа, и со тоа да се намали издатокот за лекови на пензионерите. Таа се осврна и на пензискиот систем и дефицитот кој претходно беше направен во периодот 2008-2016 година, а кој вели, со добри политики и домаќинско работење се намалува. Со тоа, додава таа, се намалува придонесот од централниот буџет кон Фондот, а растат приходите на Фондот.
Според Тренчевска, искажаните ставови во однос на зголемувањето на платите на функционерите од 78 проценти, веќе не заслужуваат коментар, посочувајќи дека е тоа одлука на Уставниот суд, и при тоа укажа дека не само Владата туку и локалната самоуправа има обврска да се грижи за граѓаните.
-И јас не се согласувам со покачувањето, меѓутоа тоа е одлука на Уставниот суд, а законот мора да се почитува. Тој што не ја почитува одлуката на Уставниот суд, односно законот, врши кривична одговорност и ако пензионерите се бунат за овие 78 отсто нека одат да протестираат пред Устваниот суд. Само 45 функционери се во Владата, останатите се пратеници, градоначалници, судии и јавни обвинители. Најмал дел се во Владата. Меѓутоа законот е ист за сите. И во краен случај Владата прави за пензионерите – новата методологија, финансиска поддршка во делот на социјална поддршка на ранливите категории. Зошто ниту една локална самоуправа, а гледаме деновиве градоначалниците се јавуваат и го поддржуваат протестот, зошто ниту еден од тие градоначалници не донесе мерка со која што ќе ги поддржи граѓаните кои живеат на оваа територија, а имаат минимална пензија. Бидејќи не само Владата туку и локалната самоуправа имаат и право и обврска да се грижат за граѓаните, вели Тренчевска.
МИА