Лукашенко сака добри односи со ЕУ, му наредил на премиерот да ги обнови контактите со Полска

Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска изјави дека сака да одржува добри односи со земјите од Европската унија, пренесуваат руските медиуми и додаде дека и наредил на својата влада да ги обнови контактите со Полска, со која има тензиии на заедничката граница.

„Сега живееме првенствено на сметка на Истокот – Русија и Кина. Но, не смееме да заборавиме на високотехнолошкиот Запад. Тие се блиски, тие се наши соседи – Европската унија. Не можеме да ги изгубиме односите со нив“, изјави Лукашенко денеска по посетата на националниот аеродром во Минск, каде одржа вонреден состанок за раководството на белоруската авијација, која е под санкции на Западот.

Притоа тој кажа и дека „е неопходно да се разговара со Полјаците. Му наредив на премиерот да контактира со нив“, рече Лукашенко, пренесува белоруската новинска агенција Белта.

Во моментов има високи тензии меѓу Белорусија и членката на НАТО, Полска, поради различните ставови и поделби за конфликтот во Украина. Полска финансиски и воено му помага на Киев, додека Белорусија е сојузник на Русија.

Прочитајте и:  Варшава: Руски разузнавачки служби веројатно стојат зад серијата експлозии во курирски центри низ Европа

Полска вчера соопшти дека ќе распореди околу 10.000 војници на својата источна граница со Белорусија за да ја заштити.

Според Лукашенко, полската Влада бара ескалација на ситуацијата за да покаже дека правилно ја вооружува земјата додека се приближуваат парламентарните избори на 15 октомври во Полска.

Белорускиот лидер оцени дека е малку веројатно во следните два месеци да се видат значителни промени во односот на Варшава, што би било добро и за нив и за Белорусија.

„Тие бараат многу од нас… но ние не можеме да прифатиме, бидејќи тоа би било спротивно на нашите интереси“, рече тој.

Тој, исто така, додаде дека е „отворен за соработка“, но директно ги обвини Американците дека сметаат на Полска дека ќе ги зголеми тензиите во регионот поради конфликтот меѓу Украина и Русија.

Варшава е загрижена поради присуството на платеници од групата „Вагнер“ во Белорусија и големиот број мигранти кои се обидуваат да ја преминат заедничката граница.

МИА

- Реклама -