Зеленски: Москва сака глобална прехранбена катастрофа

Украинскиот претседател Володомир Зеленски, во синоќешното редовно обраќање до сонародниците, ги опфати повторените напади на Москва врз украинските пристаништа, при што ја обвини Русија дека „води битка за глобална катастрофа“ со гаѓање на капацитетите за складирање жито.

„Во нивното лудило, им треба колапс на светските пазари на храна, им треба ценовна криза, им требаат прекини во снабдувањето, рече Зеленски.

Русија во изминатите две недели лансираше голем број ракети кон украинските пристаништа на Црното Море, откако се повлече од клучниот договор за жито на 17 јули. Повеќето од нив беа насочени кон пристаништата околу Одеса, но синоќешниот напад го погоди пристанишниот град Измаил, на еден километар од границата меѓу Украина и Романија.

Прочитајте и:  Џо Роган: Бајден и Зеленски сакаат светска војна, Кличко му одговори - тоа е руска пропаганда

Зеленски порача дека „е многу важно светот да не се навикне на овој руски терор“.

„Секој удар е заеднички проблем. Не само за Украина, туку и за сите оние во светот чија стабилност Русија се обидува да ја уништи со напади на нашите пристаништа и инфраструктура“, рече украинскиот претседател.

Според Киев, во синоќешниот напад биле уништени речиси 40.000 тони жито наменето за Кина, Израел и делови од Африка.

Москва, пак, вели дека е подготвена веднаш да се врати на договорот, но само откако ќе се исполнат нејзините услови во истиот, што, потенцираат, досега не е направено.

- Реклама -