„Европската идеја од пред 120 години од Крушевскиот манифест за слобода, обединување и просперитет е веќе на дофат. Сега, како што ви е, верувам, познато, Република Северна Македонија, граѓаните и во прв ред политичките фактори во земјата се пред уште една голема и одлучувачка одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето во 1991 година, или ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не нѐ води никаде, е избор што треба да се донесе со надминување на хировите, согледување на реалноста и излегување од тесните и себични партиски интереси кои ветуваат некаква друга иднина која и за најголемите оптимисти е нереална фатаморгана“, порача денеска од Мечкин Камен претседателот на Собранието – Талат Џафери, во обраќањето на големиот народен собир по повод државниот празник 2 Август, Денот на Републиката – Илинден.
Ова не се времиња за наивни надмудрувања кои ќе резултираат со крајно иреверзибилни последици од кои никој потоа нема да може да се извлече, рече Џафери.
„Време е за разум, време е за одговорност и висока свест и совест и да се донесе најдобрата одлука за иднината на државата и граѓаните. Колку и да е тешка, тоа е сепак државничка одлука и мора да се преземе одговорност. Дури и да биде тоа по цена на некој иден политички пораз, по цена на позитивни или негативни реперкусии, сепак, иднината ќе потврди дали е донесена правилната одлука. Затоа што, во денешен контекст, ако ги анализираме некогашните историските одлуки, а ги имало многу, и тогаш имало такви кои сметале дека биле погрешни но, времето и актуелниот признат и почитуван статус на Република Северна Македонија во меѓународен контекст потврдува дека биле вистинските одлуки. Почнувајќи од референдумот за осамостојувањето во 1991, членството во Организацијата на обединетите нации, полноправното членство во НАТО Сојузот, со сите придобивки кои ги ползуваме како членка“, истакна Џафери.
Имаме една заедничка држава, подвлече тој, и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме.
„Патот по кој треба да чекориме е одамна детерминиран, уште од првите илинденци. Тие биле свесни дека само со надминување на тесната и себична рамка, со отворање на умот и силно прегрнување на благодетите кои ги нуди заедништвото, ќе бидеме пример за нова и додадена вредност во регионот и пошироко. Тоа е наш долг кон сите што се бореа за таква граѓанска држава и општество во кое новите генерации ќе живеат, растат, се образуваат и творат во слободна, независна, модерна и напредна земја во која со радост ќе го славиме сите заедно Илинден, во чест на сите револуционери кои имаа удел во создавањето на европска Република Северна Македонија, а ние ќе бидеме горди европски граѓани“, рече претседателот на Собранието.
Заеднишвото, дополни, нема цена.
„Свртени сме еден кон друг и во добро и во лошо и верувајте, тоа заедништво – нема цена! ‘Цело е кога има сѐ!’ не е само празна флоскула. Цело е кога сите се задоволни, среќни, успешни, лојални и вредни, пред сѐ – со љубов кон татковината! А татковината е земјата во која ја градиш иднината, ги растеш своите деца, ги учиш да ја сакаат земјата која им дала сѐ: и почит, и праведност, и уживање на правото на образование на мајчин јазик, вработување, правичност, недискриминација, давање на еднакви можности и вреднување според истите тие еднакви можности“, рече Џафери.
Тој се осврна и на придобивките од членството во НАТО, како и на поддршката што ја добиваше земјава од стратешките и меѓународните пријатели.
„Зарем ќе можевме во актуелниот безбедносен контекст на европскиот континент да бидеме мирни ако не бевме под безбедносниот чадор на НАТО, најмоќниот воено-политички сојуз? Да не се залажуваме, никој не може да се одбрани сам, само сплотени со сиот напреден и демократски свет сме силни! Војната во Украина сите нѐ увери колку брзо може да се промени состојбата на мир и стабилност и рапидно да се зголемат не само безбедносните, туку и економските, енергетските, прехранбените и други предизвици на континентот со кои што можеме да се справиме само ако сме дел од големото европско семејство. Не можеме да ја заборавиме материјалната, човечката, инфраструктурната и секаква друга поддршка која ја добивавме од нашите стратешки и меѓународни пријатели во време на здравствената криза со пандемијата на корона, во време на пожари, поплави и заштита на граничната линија при наплив на бегалци“, посочи Џафери.
Тој го почна обраќањето со потсетување дека пред 120 години во Крушево се запали огнот на борбата за слободна, независна и самостојна држава. Крушевскиот манифест, како што напомена, беше документот во кој авторот и водачите на Илинденското востание – Никола Карев, Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и други знајни и незнајни херои, покажаа дека имаат високо развиени цивилизациски вредности и принципи за заедништво, толеранција и почитување на човековите права и слободи, без разлика на вера, етничка припадност, пол или социјален статус. Пред повеќе од еден век, со визионерството што го имале, зборувале и се бореле за слобода, за правда, за почитување на човековите права, за соживот, толеранција и разбирање, за мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално општество, истакна претседателот на Собранието.
„Законодавниот дом ја има честа оваа година да биде носител на активностите во самото срце на Крушевската Република, таму каде што и се запали првата искра во срцата на најхрабрите, искра која се распламти во оган на борбата за слободна, независна и самостојна држава. Поминале точно 120 години од тој ден, за денес и всушност сиве денови околу овој голем датум за државотворноста да се случуваат убави настани и активности со кои се означува големината и значајноста на Илинден. И како и да не биде така? Крушевската Република, која навистина имаше краток, десетдневен век, сепак, беше индикатор и пресвртница во историјата на остварувањето на вековниот сон за слободна и независна држава. Беше показател и за нешто друго. Како што реков, во Крушево се запали огнот кој повторно пламна во екот на антифашистичката борба кога слободољубивите повторно застанаа на страната на доброто наспроти злото. Првото антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) во 1944 година, беше денот кога државата прв пат во својата историја доби демократска власт под своето име, беше донесена Декларацијата за основните права на граѓаните. Тоа беше уште еден цврст столб врз кој што се градеше државотворноста на земјата. А третиот столб беше Референдумот од 8 септември 1991 година, кога народот одлучи за самостојност на државата и конечно градење на модерно, граѓанско општество, како дел од заедницата на најрелевантните нации на модерното време“, рече Џафери во обраќањето.
Високата државна делегација, предводена од Џафери, која го чествува Илинден во Крушево, ја сочинуваа Миле Талески, Љупчо Балковски и Петар Ристески како претставници од Собранието, додека од Владата присутни се министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Делегацијата најпрво положи цвеќе на гробот на Никола Карев – Македониум, а потоа и на споменикот „На хероите на Слива“, по што присуствуваше и на Панихидата во храмот „Свети Никола“.
Извор: МИА