Бислимоски доби нов мандат за претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Марко Бислимоски доби поддршка од пратениците за втор мандат за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпат на денешното продолжение на 120. собраниска седница. За членови на ова тело беа избрани Александар Чаботарев, Фатон Амбари и Мерита Дема.

Собранието на Република Северна Македонија во продолжението на 120. седница ги избра Кети Петкова за член на Советот за јавни обвинители и Спасе Глигоров за директор на Агенцијата за администрација.

Пратениците донесоа и одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“во Република Либан.

Во рамките на седницата беше отворена расправа по предлогот за именување претседател и членови на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Пратениците на опозициската ВМРО – ДПМНЕ забележаа дека иако се работи за самостојно и независно тело, сепак предложените кандидати се партиски претставници. Според нив, кандидатот за претседател на совет на експерти на ова петчлено тело, Максуд Али, бил кандидат за пратеник на СДСМ во 2014 година. Тие изразија и сомнеж дека во изборот нема доволно дефинирани критериуми што значи експерт, кој би можел да раководи со Советот на експерти.

Прочитајте и:  РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

За членови на Советот предложени се Дарко Саздов, Борче Божиновски и Марина Макенаџиева.

Собранието претходно одржа и Свечена седница по повод 60 годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје. Пратениците треба да продолжат со нова седница од 15 часот. На дневен ред на оваа седница е Предлог на одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на КПУ КПД Идризово.

МИА

- Реклама -