ЗНМ за седницата за концесиите за Иловица: „Владата не смее да крие од новинарите информации од јавен карактер“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), го осудува игнорантскиот однос на Секторот за односи со јавноста и на Генералниот секретаријат на Владата кон медиумите поврзани со неодамна донесената владина одлука за спојување на концесиите за рудникот Иловица.

До ЗНМ, како што се вели во соопштението, пристигнале неколку поплаки од новинари кои и покрај сите обиди, не успеале добијат детали за тоа што се случувало на седницата на Владата одржана на 27 јуни 2023 година, а на која била предложена и усвоена одлуката, за која, како што нагласуваат од ЗНМ, постои огромен јавен интерес.

„Поттикнати од важноста на прашањата за граѓаните, повеќемина колеги новинари побарале да добијат повеќе детали за тоа како течела расправата, врз основа на увид во стенограмски белешки од оваа седница.

Наместо одговор, од Канцеларијата на портпаролот на Владата до јавноста се споделува оправдување дека согласно член 94 став 6 од Деловникот за работа на Владата, тие не можат да достават извадоци од стенограмот“, се наведува во реакцијата.

Со цел да не се остави впечаток дека оваа постапка од страна на Владата е обид да скријат информации кои се од особена важност за јавноста, ЗНМ бара тие итно да бидат ставени на увид на новинарите, а преку нив и на сите граѓани.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Покрај ова, ЗНМ забележува и на сериозно отстапување на Владата во областа на транспарентноста, имајќи предвид дека официјалната веб страница во делот за записници од владините седници не е ажурирана повеќе од два месеци, со оглед дека последниот записник датира од 17 мај 2023 година.

„Потсетуваме дека пристапот на новинарите до точни и навремени информации е од суштинско значење за граѓаните да направат информиран избор и активно да се вклучат во јавниот дискурс. Кога владата задржува детали за своите работни седници, тоа ја попречува способноста на јавноста да го разбере образложението зад политичките одлуки и потенцијалните импликации за нивните животи.

Укажуваме дека информираните новинари и медиуми се од витално значење за функционална демократија. Без пристап до сеопфатни информации, способноста на новинарите да ја исполнат својата демократска улога е сериозно попречена, лишувајќи ја јавноста од суштински извор на независни и разновидни вести“, подвлекуваат од ЗНМ.

- Реклама -