Константинов: Експлозијата на мостот Керч на Крим е „акт на тероризам“

Ноќешната ескплозија на мостот Керч, кој ги спојува полуостровот Крим и Краснодарската област, локалните руски власти ја оценија како „акт на тероризам“, јави ДПА.

Инцидентот, што локалната администрација претходно го опиша како „вонредна состојба“, предизвика запирање на сообраќајот на овој многу фрекфентен мост.

Украинската тајна служба – СБУ, во денешниот коментар по експлозијата на мостот, напиша: „Уште еднаш мостот отиде ’на спиење’“.

Владимир Константинов, претседател на парламентот на полуостровот што Русија го анектираше во 2014 година, за денешниот напад на мостот ја обвини Украина.

„Вечерва терористичкиот режим на Киев изврши ново злосторство и го нападна мостот на Крим“, напиша тој на  „Телеграм“.

Како што соопштија утрово руските власти, две лица загинале во експлозијата. Гувернерот на западниот руски регион Белгород, Вјачеслав Гладков, на Телеграм информираше дека се работело за родители на девојче.

Прочитајте и:  Британски министер: Русија може да ја нападне нашата енергетска мрежа

Руското Министерство за транспорт, пак, соопшти дека експлозијата не ги оштетила столбовите на мостот и дека била зафатена само површината на патот.

Ова е втор напад на мостот Керч, кој беше отворен во 2018 година и овозможува автомобилско и железничко патување меѓу Русија и Крим. Првиот се случи минатата година во октомври, кога голема експлозија ја оштети десната страна на патната делница на мостот, по што беше делумно затворен за сообраќај. По извршената санација, рускиот претседател Владимир Путин лично ја посети и возеше по делницата. Мостот целосно беше отворен во февруари годинава.

Извор: МИА

- Реклама -