Бајден: Путин веќе ја изгуби војната во Украина

Американскиот претседател Џо Бајден одржа заедничка прес-конференција со финскиот претседател Саули Ниинисто во Хелсинки. Тој рече дека конфликтот во Украина не би требало да трае со години, наведувајќи дека Владимир Путин веќе ја изгубил војната, пишува Си-Ен-Ен.

„Не постои никаква можност тој да ја добие војната во Украина. Тој веќе ја изгуби таа војна“, рече Бајден на прес-конференцијата.

Тој додаде дека не мисли дека војната ќе продолжи со години, бидејќи Русија не може да ги одржува своите ресурси толку долго, а Путин веројатно на крајот ќе одлучи дека тоа не е во интерес на Русија; економски, политички или во некоја друга смисла.

Тој исто така рече дека нема голема веројатност Путин да употреби нуклеарно оружје за да ја подобри својата позиција на линијата на фронтот по неуспешниот бунт на групата „Вагнер“.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

На прес-конференцијата со Нинисто, Бајден ја поздрави Финска како „неверојатна вредност“ за Алијансата.

„Мислам дека НАТО никогаш не било посилно“, наведе Бајден, додавајќи дека „заедно се залагаат за демократски вредности“.

Претседателот на Финска, пак, посочи дека членството на Финска во НАТО најавува „нова ера во безбедноста“ на сојузниците.

Тој го поздрави Бајден за „градењето единство“ за поддршка на Украина на Самитот во Вилнус, што беше и фокус на самитот.

Со посетата на Хелсинки, Бајден ја завршува европската турнеја. Тоа е прва посета на актуелниот американски претседател на Финска по посетата на Доналд Трамп пред пет години.

Финска официјално стана членка на НАТО на почетокот на април. Финска е членка на ЕУ и НАТО со најдолга граница со Русија – од околу 1.340 километри.

Извор: МИА

- Реклама -