Русија на Пригожин му вратила 80 картонски кутии со 10 милијарди рубљи и пет златни прачки

Руските власти на шефот на групата „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој во моментов е во егзил во Белорусија, му ги вратиле одземените 10 милијарди рубљи. Станува збор за парите што беа конфискувани во полициските рации за време на минатомесечното вооружено востание на неговите „Вагнеровци“. Само во Санкт Петербург при полициските рации на неговите канцеларии и имоти беа запленети поголема сума пари, како и пет златни прачки.

Претресите беа извршени како дел од експресната истрага на обвинителството за организирање на бунтот на шефот на „Вагнер“.

Како потсетување, рускиот претседател Владимир Путин на крајот се согласи да ги отфрли обвиненијата, во замена за откажување од бунтот на шефот на платеничката војска и заминување во соседна Белорусија.

Според независниот руски медиум „Фонтанка“, полицијата му ги вратила парите и златото на Пригожин , проценети на „неколку тони“.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

Готовината и златото му биле предадени на возачот на Пригожин, додека самиот Пригожин во неделата присуствувал на состанокот зад затворени врати во Москва. Додека „Вагнеровците“ маршираа кон руската престолнина, нивниот шеф изјави дека одземената готовина била наменета за исплата на платите на неговите борци и материјална отштета на семејствата на загинатите платеници.

Во првите извештаи, полицијата од паркирано комбе на групата запленила четири милијарди рубљи, а потоа биле запленети уште шест милијарди рубљи, при што овие банкноти биле спакувани во 80 картонски кутии во друго комбе.

„Фонтанка“ пишува дека во понедлникот вечерта двете запленети комбиња биле видени на нивните првични паркинг места.

МИА

- Реклама -