Путин најави финансиска истрага за милијардите што угостителската компанија на Пригожин и „Вагнер“ лани ги добиле од Москва

Рускиот претседател Владимир Путин денеска најави дека ќе биде спроведена финансиска истрага во угостителската компанија на Евгениј Пригожин – шефот на платеничката група „Вагнер“. Иако долго време тоа го негираше, Путин денеска сепак призна дека Москва целосно ја финансирала паравоената формација.

„Сакам да истакнам и сакам сите да го знаат тоа: оваа групација ‘Вагнер’ е целосно финансирана од државата. Од Министерството за одбрана, од државниот буџет, целосно ја финансиравме оваа групација“, рече Путин.

Како што истакна рускиот претседател, „Вагнер“ и Пригожин минатата година добиле речиси две милијарди долари од Русија. Обраќајќи им се на припадниците на руската армија на состанокот во Кремљ, тој истакна дека отсекогаш ги почитувал борците на „Вагнер“, но и дека факт е дека групата е „целосно финансирана“ од државниот буџет и дека од руското Министерство за одбрана, во периодот од мај 2022 до мај годинава, добила 86 милијарди рубљи (околу една милијарда евра).

Угостителската компанија на Пригожин – „Конкорд“, пак,  заработила и 80 милијарди рубљи (935.946 долари) од владините договори за снабдување на руската војска со храна, вели Путин.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

„Се надевам дека никој ништо не украл или, да речеме, украл помалку како дел од таа работа, но ние, се разбира, сè ќе истражиме“, порача тој,

Најавата за истрагата доаѓа по бунтот на „Вагнер“, кој Путин го спореди со превирањата од Првата светска војна што доведoa до револуции во 1917 година а потоа и до граѓанска војна, и кој првично вети дека ќе го задуши. Сепак, беше постигнат договор што му овозможи на Пригожин и некои од неговите војници да се преселат во Белорусија.

Истражното одделение на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) претгходно објави дека ја прекинало кривичната постапка за вооружениот бунт на „Вагнер“ откако утврдила дека на 24 јуни нејзините учесници „ги прекинаа акциите директно насочени кон извршување на кривично дело“.

Министерството за одбрана на Русија, пак, денеска соопшти дека во тек се подготовки за префрлање на тешката воена опрема на „Вагнер“ кон активните единици на руските Вооружени сили.

- Реклама -