Бошкоски сѐ уште е соработник во Владата иако е на „црната листа“ на САД, Ковачевски се правда дека бил ангажиран пред тој да стане премиер

„Љубе Бошкоски не е советник за странски инвестиции, туку со владин договор е ангажиран како соработник во службите во делот на привлекување на странски инвестиции, уште пред јас да дојдам како претседател на Владата“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, прашан дали и зошто во неговата канцеларија сѐ уште работи Бошкоски, кој се наоѓа на црната листа на САД.

Ковачевски аргументира дека Бошкоски има активности во делот на промоција на државата во Хрватска, со оглед на тоа дека Хрватска е еден од инвеститорите во земјава.

Ковачевски, кој ден претходно беше категоричен дека доколку министер во Владата би се нашол на „црната листа“ веднаш би бил разрешен, денес оцени дека „моралните и етичките аспекти на ставањето на црна листа на кој било поединец – се прашања за тој поединец“, а нашите правосудни институции, вели, треба да ги испитаат сите наоди и да донесат соодветни одлуки.

„САД е најголемиот стратешки партнер на државата. Кај градоначалникот на Струга се работи за основи кои се сериозни и непримерно е институциите на држава која се наоѓа на 8 илјади километри од тука да имаат основ за истражување, а нашите да немаат“, повтори денеска премиерот, за разлика од Антикорупциска, која денеска на прес-конференција информираше дека токму таа им обезбедила на институциите основи за истражување и кривичен прогон, но ништо од тоа не вродило со плод.

Прочитајте и:  Мицкоски: Законот за јазиците мора да се почитува, но треба и да се зголемат капацитетите во министерствата

Ковачевски, сепак, ја искористи можноста да ги прозве и ВМРО-ДПМНЕ.

„Да упатам порака до опозицијата да кажат каде го кријат предметот за нивната дивоградба која е конфискувана како нелегално стекнат имот, а тоа е дирекцијата во која се наоѓа партијата ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски.

Согласно податоците кои се објавени на Владиниот вебсајт, Љубе Бошкоски му е советник на Премиерот Ковачевски за странски инвестиции, за нето плата од 57.000 денари месечно, потсетува „Сител“, потенцирајќи дека Бошкоски беше ангажиран од Заев, иако со години е на црната листа на САД. „Сител“ го поставува и прашањето зошто е проблем да се раскине неговиот, а Владата немаше проблем да го раскине договорот, на пример, за Клиничкиот центар, за што ни се закануваат пенали од 20 милиони евра.

- Реклама -