Премиерот Димитар Ковачевски денеска индиректно апелираше до струшкиот градоначалник Рамиз Мерко да си поднесе оставка.
Прашан за одлуката на Стејт Департментот да го стави Мерко на црната листа на САД, Ковачевски откри како тој би постапил кога би бил прогласен за „персона нон грата“.
„Доколку јас би се нашол на црната листа на САД, не само што ќе си поднесев оставка, туку тоа и ќе го сметав за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера“, рече Ковачевски.
Тој повтори дека наводите на САД (поради кои Мерко е ставен на црната листа) се сериозни и дека за него е несфатливо како може институциите во САД, на далечина од 8.000 километри од земјава, да имаат информации изнесени преку нивни официјални лица за тоа што се случувало во нашата држава, а нашите истражни и правосудни органи тие информации да ги немаат.
„Затоа ќе треба прво Општина Струга да биде отворена за споделување на сите информации на надлежните органи, а тие да бидат ефикасни во својата работа“, рече Ковачевски.
Според него, случајот со Мерко покажува и дека не може да се генерализира дека целиот систем не функционира, туку дека секој систем е составен од поединци и треба да има индивидуална одговорност.
„Меѓутоа кога ќе ги погледнете основите за ставањето на црна листа, тогаш таа индивидуална одговорност ќе можете да ја идентификувате доколку институциите коишто се задолжени за тоа а не се во надлежност на Владата, се позанимаваат со случајот и ќе може да лоцираат индивидуална одговорност и на други места каде што требало претходно да биде нешто санкционирано доколку требало да биде“, рече Ковачевски.
Тој повтори и дека и советниците во Општина Струга ќе треба да размислат на кој начин понатаму ќе функционираат, со оглед на тоа дека Мерко повеќе мандати бил градоначалник и соработувал со советници од повеќе партии.
„Ги гледам соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија чие што седиште е сместено во криминално стекната конфискувана зграда, која што покрај тоа е дивоградба. Па нека се запрашаат и тие до каде е нивниот случај и во која фиока седи. И затоа сите советнички групи треба да седнат да се погледнат што ќе прават во иднина заедно со градоначалникот, на кој начин планираат да функцонираат и како планираат да продолжат, имајќи во предвид дека се избрани да ги штитат и да ги унапредуваат правата на граѓаните“, рече Ковачевски.
Тој беше дециден дека доколку некој министер во Владата би се нашол на црната листа на САД, во истиот момент ќе биде разрешен.
Извор: МИА