Европската комисија ќе предложи замрзнатите руски средства да се користат за обнова на Украина

Европската комисија ќе предложи замрзнатите руски средства да се користат за поддршка на обновата на Украина, изјави денеска претседателката на Комисијата – Урсула фон дер Лајен, за време на втората конференција за обнова на Украина, што се одржува во британската престолнина, јави ДПА.

Европската комисија ќе го претстави соодветниот план пред летниот одмор, прецизира Фон дер Лајен, според кој руските средства треба да се користат „затоа што сторителот мора да одговара“.

Во фокусот на дискусиите на конференцијата е прашањето како компаниите од приватниот сектор може да се охрабрат да инвестираат во земјата и да помогнат во обновата на нејзината економија.

Француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона соодветно претстави нов механизам за осигурување за ризик од „војна“.

Според Колона, овој механизам треба да ги покрие инвестициите во Украина против ризиците поврзани со војната преку Француската државна инвестициска банка. Таа додаде дека планот на француската Влада е во согласност со осигурителниот механизам предложен од Велика Британија и Украина.

Прочитајте и:  Бајден брза да испрати помош за Украина пред инаугурацијата на Трамп

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок најави дека Берлин ќе му обезбеди на Киев во 2023 година 381 милион евра за хуманитарни потреби. Според неа, дополнително закрепнувањето на Украина треба да биде поврзано со процесот на пристапување на земјата во ЕУ.

Бербок потсети дека од февруари 2022 година (кога започна руската инвазија) Германија доделила вкупно 16.8 милијарди евра помош за Киев, вклучително и воена помош.

Украинскиот премиер Денис Шмигал изјави дека на Украина ќе ѝ требаат уште околу шест милијарди долари за закрепнување во следните 12 месеци.

Според полскиот премиер Збигњев Рау, собирањето средства за обнова на Украина е долгорочна задача и процесот на обнова ќе значи вклучување на приватниот и јавниот сектор.

МИА

- Реклама -