Украина исполнила два од седум услови за почеток на преговорите во ЕУ

Во извештај на Европската унија оваа недела ќе се наведе дека Украина исполнила два од седумте услови за почеток на преговорите, рекоа два извори од ЕУ, додека Европската комисија одлучи да го нагласи напредокот и покрај воената состојба предизвикана од руската агресија.

Во многу симболичен потег, ЕУ го гарантира формалниот кандидатски статус на земјата пред една година – четири месеци откако Русија ја нападна земјата додека се обидуваше да ја продолжи својата интеграција со Западот.

Но, Европската унија постави седум услови – вклучително судски реформи и крај на ендемската корупција – со цел да започне пристапните преговори. Украина побара преговорите да започнат оваа година.

Извештајот на Европската унија е пресвртница во тој процес, за кој поддржувачите на брзиот пристап на Украина во Европската унија се надеваат дека ќе кулминира со одлуката на 27-те земји-членки во декември да почнат преговори со Киев.

Двајца високи претставници на ЕУ запознаени со извештајот, што се уште не е објавен во јавноста, изјавија дека Украина досега исполнила два критериуми. Еден од функционерите рече дека тие два критериуми се однесуваат на правната реформа и законот за медиуми и додаде дека фокусот бил на позитивните случувања.

Прочитајте и:  Волц: Трамп планира да ги доведе Русија и Украина на преговарачка маса и да стави крај на војната

„Има напредок. Извештајот ќе биде умерено позитивен…Не се работи за разубавување на реалноста, туку за препознавање на напредокот, на пример може да се именуваат истакнати антикорупциски случаи“, наведува изворот во изјава за западни новински агенции.

Украина реши неколку случаи на корупција на високо ниво во последниве месеци, вклучувајќи го и затворањето на шефот на Врховниот суд поради наводен поткуп од 2,7 милиони долари.

Освен построгите напори за казнување на корупцијата, други критериуми вклучуваат реформи на украинскиот Уставен суд и полицијата, мерки против перење пари, како и закони за спречување на олигарсите и заштита на правата на националните малцинства.

Извештајот, опишан како итно ажурирање пред поофицијална проценка во октомври, прво ќе биде испратен до 27 национални претставници в среда во Брисел, а потоа и до министрите за надворешни работи на ЕУ кога ќе се сретнат во Стокхолм в четврток.

МИА

- Реклама -