Хакер: Германскиот Бундестаг недвосмислено ги признава македонскиот јазик, култура и идентитет

Германскиот Бундестаг недвосмислено ги признава македонскиот јазик, култура и идентитет, вели во изјава за Дојче веле пратеникот на Либералите (ФДП) Томас Хакер.

Како дел од парламентарното мнозинство, Хакер е еден од иницијаторите на резолуцијата на германскиот парламент за Северна Македонија која деенска ќе се најде на дневен ред на Бундестагот.

„Со оваа резолуција Бундестагот сака да ја охрабри Северна Македонија да го спроведе компромисот со Европската унија од летото 2022 година“, вели Хакер, алудирајќи на договорот за вметнување на Бугарите во Уставот.

Германскиот пратеник нагласува дека влезот на земјава во ЕУ е во интерес како на Германија, така и на ЕУ.

„Спроведувањето на компромисот нема да доведе до загуба на македонскиот јазик, култура и идентитет, како што стравуваат некои политички експонирани личности во Северна Македонија“, смета Хакер.

Според него, исполнувањето на договорот ќе му овозможи на Скопје да го отвори првиот преговарачки кластер, а тоа, како што посочува, „е од клучно значење”.

Во резолуцијата за која ќе гласа германскиот Бундестаг, се дава поддршка за европската иднина на земјава, признание на македонската култура, идентитет и јазик, како и серија препораки за владата во Берлин. Меѓу другото, од сојузната влада се бара да влијае врз Бугарија да не го кочи пристапниот процес на земјава кон ЕУ и да не поставува дополнителни услови.

Прочитајте и:  Во Германија уапсен тинејџер со турско потекло, планирал терористички напад на локалниот божиќен саем

Според Хакер, токму Македонија е единствен пример во регионот за целосна подготвеност за евроатлантската интеграција. Затоа со резолуцијата се бара и пристапниот процес кон ЕУ да се направи „поиновативен“.

„Ваков каков што е веќе со години, не може да продолжи. Затоа, на Северна Македонија и на другите земји кои искрено се залагаат за членство во ЕУ, мора да им понудиме атрактивни меѓучекори. Предлогот на претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, која сака да овозможи поблиско поврзување со земјите од Западниот Балкан со планот од четири точки, оди во вистинска насока“, смета тој.

Таквите чекори, според него, се должност кон земјите од Западниот Балкан, „а особено кон Северна Македонија“, затоа што, како што вели, уште сега е видливо дека кредибилитетот на ЕУ во некои земји не е бескраен.

Извор: МИА
Фото: ДПА

- Реклама -