Рама: Србија го изгуби Косово во 1999-та, „заканата“ е само во главите на косовските политичари

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека е загрижен од ултимативните тонови на сојузниците кон Косово. Таквите тонови, како што рече, може да донесат „непроценливи последици“.

„Многу сум загрижен поради драматичното опаѓање на Косово во очите на сојузниците и ултимативните тонови на сојузниците, што може да има непроценливи последици во многу аспекти, почнувајќи од последиците од зголемувањето на бројот на војници во Косово – што значи намалување на суверените капацитети на Косово. Или тоа значи губење на Косово во смисла на губење шанса за целосно интегрирање на Северот во неговиот институционален живот“, рече Рама на прес-конференцијата посветена токму на темата.

„Тоа би било страшна работа од гледна точка на нашите интереси“, заклучи Рама, додавајќи дека тоа е она поради што е загрижен, а не поради „она за што другите се вознемируваат, ниту за она што се прокламира како закани за Косово“, алудирајќи, секако, на потенцијалната воена закана од страна на Србија. Според Рама, таква не постои.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

„Од 1999 година, Косово не е под никаква закана. Нема никаква закана за Косово. Заканата единствено е во главите на политичарите во Косово и е само начин да се направи внатрешна политика користејќи ја сенката на закана која не постои“, оцени премиерот на Албанија.

Тој нагласи дека Србија го изгубила Косово во 1999 година и дека нема сила да допре ни влакно од земјата.

„Секој што ја гледа сцената без изборни интереси во Србија или во Косово, го знае ова“, додаде Рама.

Извор: МИА

- Реклама -