Ахмети има „солидна основа“ да верува дека за три-четири години ќе станеме членка на ЕУ, неговите прогнози треба сериозно да се земат предвид – вели Османи

„Ова е декадата на членството на Западен Балкан односно одредени земји, меѓу кои и Северна Македонија, во Европската унија. Тоа значи плус-минус флексибилност во зависност од внатрешни динамики, регионални и геополитички“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во „Топ тема“ на ТВ Телма.

Коментирајќи ја вчерашната изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети – дека верува дека земјава ќе стане членка во ЕУ за три-четири години, Османи посочи дека државите кандидати би ги имале сите привилегии од членството во ЕУ и пред самото членство, а новиот пристап и забрзаната трака, според него, дава солидна основа на тоа што Ахмети го кажува.

„Мислам дека господинот Ахмети има одлично разбирање за геополитичкиот контекст и регионалните динамики, оттука неговите прогнози треба сериозно да се земат предвид“, порача Османи.

Во однос на предлог-уставните амандмани, Османи оцени дека овој предлог на уставни измени покажал дека на најдобар начин се штитат нашите позиции во однос на односот на малцинската бугарска заедница во однос на останатите заедници во земјава.

„Формално се дефинира кој е кој, што е што, имаме мнозински македонски народ и имаме делови од други народи кои живеат овде во подеднакви услови, вклучувајќи ја и бугарската заедница“, истакна шефот на дипломатијата.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ахмети и ДУИ стануваат фактор на нестабилност на дневна основа, но Албанците се свесни што правеа додека беа на власт

Прашан дали ќе се чека утрешната лидерска средба за уставните измени да бидат поминати на влада и потоа испратени во Собранието, Османи рече дека би било добро средбата да има позитивен исход. Во спротивно, „опозицијата би испуштила историска шанса барем еднаш во поновата историја на оваа држава да придонесе во важни државни процеси кои носат стабилност и иднина“, рече тој.

Во однос на внесувањето на Бугарите, Османи рече дека таа идеја првпат ја слушнал од висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ и дека „така била родена идејата за решавање на односите со Бугарија“. Османи, меѓутоа, не откри за кого точно станува збор.

Во однос на самото гласање за уставните измени, Османи истакна дека сѐ уште на маса стои предлогот да се распишат предвремени парламентарни избори уште истиот ден кога опозицијата би ги поддржала уставните измени.

Во однос на натамошните преговори и евентуалните нови блокади од страна на Бугарија, Османи вели дека Бугарија не може да додаде услови во преговарачката рамка, потенцирајќи и испраќајќи притоа и индиректна порака до опозицијата дека „никој не може да преговара преговарачка рамка“.

„Јас гарантирам дека Бугарија нема да може да додаде ниту едно друго барање од тоа што е во преговарачката рамка“, рече Османи.

Извор: МИА

- Реклама -