Важно е да се напомене дека службите кои работат на спречување на кибер закани од типот на лажни дојави за бомби (МВР, АНБ и други), благодарение на промената на протоколите, успеаја да го прилагодат начинот на работење и активното постапување во согласност со настанатата состојба – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на новинарско прашање до каде е истрагата за лажните дојави за бомби.
„Имавме протоколи и упатства коишто беа пишувани 90-те години на основа на тогашните можности и искуства, меѓутоа, на пример, електронската дојава не беше воопшто дел од протоколот, туку едноставно само добивањето на информација. Сега протоколот е сообразен со новото време, во којшто се земаат сите видови на можност на комуникација. И притоа, што е многу важно, со овие протоколи се цени релевантноста на информацијата односно на веројатноста за евентуална закана. Имаме низок, среден и висок степен на ваква закана, која што се оценува, и на основа на тоа се постапува. Протоколите се создадени за да можеме да бидеме брзи и ефикасни и протоколите практично не се создадени за да ние скриеме некаква информација, туку едноставно да се постапува и за секое постапување да можеме да ја информираме јавноста“, изјави Спасовски.
Тој посочи дека по носењето на новите протоколи дојави за бомби имало само уште два дена – првиот ден во три училишта, а следниот ден уште во едно училиште. Тука, потенцираше Спасовски, запреа заканите. Според него, причина било и што се интензивирале истрагите и се дошло до резултати.
„Тука се работи сѐ уште на вештачење на материјали, бидејќи се навистина големи материјали што треба да бидат завршени со вештачење за да можеме да практично ги прибереме сите докази за поднесување на кривични пријави. Јас тоа го очекувам во секое време и да можеме тој процес да го затвориме, така што тој дел од постапките којшто овозможи да се обезбедат релевантни докази коишто може да бидат ценети од страна на обвинителството, понатаму и во судот, се покренати постапки. Имаше сериозен проблем со користењето на т.н. VPN адреси коишто создаваа потешкотии во прибирањето на доказите, меѓутоа, како и да е, целосната состојба се стави под контрола и мислам дека на задоволството на сите нас и на граѓаните, учениците и на наставниот кадар, имаме состојба во која што имаме стабилност и мир, пред сѐ спокој на учениците и на наставниците“, рече Спасовски во Штип.
Извор: МИА