Арсовска: Во подобра кондиција градот никогаш не бил… од мене оставка нема да видат

Буџетската каса на Град Скопје не е празна, а таквите тврдења се „политичка хајка на коалицијата СДСМ-ДПМНЕ“, изјави градоначалничката Данела Арсовска во интервјуто во „Топ тема“ на ТВ „Телма“.

Секој ден, рече Арсовска, на сметката на Град Скопје пристигнуваат средства од давачките што ги плаќаат граѓаните и компаниите и врз основа на сѐ што е активен приход.

„Во подобра кондиција градот никогаш не бил. Имаме финансиска консолидација, нема долгувања, Град Скопје редовно исплаќа сѐ она што пристигнува како побарувања, што значи не се генерираат нови долгови како оние што ги имаме – милиони и милиони евра заостанати долгувања што ги правеле претходниците, па влегувале во судски постапки за сега градот да се обременува со милиони евра на долгови и милиони евра на камати по основ на побарувања од овие судски спорови. Нашиот кредитен рејтинг е потврден со позитивен изглед. Можноста за кредитно задолжување од 1.2 милиони евра сега ни е зголемен меѓу 25 и 30 милиони евра и тоа е континуирано во изминатите 12 месеци“, рече Арсовска.

Градоначалничката не одговори дали се точни тврдењата дека побарувањата кон градот во моментов се 10 милиони евра. Посочи дека не може да се предвиди во текот на оваа или идната година кои судски предмети од времето на нејзините претходници ќе достасаат и во чија корист ќе пресуди судот. Според неа, има судски постапки и од 2012 година кои сѐ уште не се завршени.

„Поважно е што во овие 18 месеци ние не генерираме спорови, туку решаваме туѓи“, додаде Арсовска.

На прашањето зошто вчера на седница на Советот го нарекла лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски „Рекет број 1“, таа одговори дека „нема потреба да ги образложува метафорите кога на два милиона граѓани тоа им е јасно“.

Со ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, ги разделило тоа што таа имала став за принципиелно водење на главниот град. Поддршката што ја добила од партијата, додаде, не значи дека треба да биде „нечиј слеп послушник и слепо да слуша наредби“.

Арсовска уверува дека сака да работи во интерес на граѓаните и да ја спроведе програмата со речиси 300 проекти заради која тие ја изгласале, а таа е одговорна да ги реализира, но, како што рече, не е лесно против двете најголеми политички партии.

„Многу е тешко кога две најголеми политички партии се фокусирани да прават хаос во градот“, рече Арсовска и потенцираше дека, за разлика од нејзините претходници, таа ја нема зад себе Владата, т.е. централната власт, за да ги „покрива буџетските дупки“.

Арсовска вели дека е за компромис, но дека „чекор треба да покаже и спротивната страна“, со конструктивност на советниците од сите партии и гласање во Советот на проектите што ги бараат граѓаните, наместо со нивно саботирање.

Прашана за евентуална нејзина оставка, градоначалничката на Скопје одговори дека не смета дека треба да се повлече.

„Од мене оставка тие нема да видат, токму затоа што ја сакаат и ја бараат, затоа што јас сум во право, а тие не се“, категорична е Арсовска.

Извор: МИА

- Реклама -