САД му дадоа зелено светло на Александар Вучиќ да ја ескалира ситуацијата на Косово, тврди аналитичарот Едвард Џозеф

САД отидоа предалеку со критиките до властите на Косово кои сакаа да ги спроведат новоизбраните градоначалници на нивните места, изјави денеска Едвард Џозеф – политички аналитичар од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс (Johns Hopkins School of Advanced International Studies) од САД, кој често е посочуван како познавач на состојбите на Балканот.

„Со тоа што САД отидоа предалеку велејќи дека со ова односите со Косово ќе бидат оштетени, тие му дадоа зелено светло на Вучиќ да ескалира и да го обвини Албин Курти, оцени Џозеф во интервју за Ал Џезеира, откако претходно и САД и ЕУ ја обвинија Приштина дека ја дестабилизира ситуацијата во земјата.

Според него, косовскиот премиер можеби заслужува критицизам, но САД отишле предалеку со тоа што јасно ставиле до знаење дека односите со Приштина ќе настрадаат поради потезите во северно Косово.

Прочитајте и:  Руте повика на поголема помош за Украина за време на претстојната студена зима

„Според законот, Косово е во право“, оцени Џозеф. „Тие имаат право на тоа, Србите ги бојкотираа овие избори кои водеа кон тоа да бидат избрани овие четири градоначалници“, рече тој.

Според аналитичарот, Александар Вучиќ ја ескалира ситуацијата на Косово иако „де-факто се согласил на признавање во март“ (на преговорите во Охрид) под посредништво на ЕУ и САД.

„Кревање тензии е последното нешто што треба да го прават, како Косово така и Србија, но оваа тензична ситуација му одговара на Вучиќ, кој е под голем притисок дома, со досега незабележани масовни демонстрации против неговата власт. Тој сака да се претстави како голем патриот, бранител на Косово и на косовските Срби, точно во време кога е под огромен притисок дома“, оценува Џозеф.

Извор: МИА

- Реклама -