САД го исклучија Косово од воените вежби „Дефендер“: „Ова е првата последица за Владата на Косово“

Воените вежби „Дефендер Европа 2023“ се „завршени“ за Косово.

Американскиот амбасадор во Косово – Џефри Ховенир, денеска на средба со повеќе новинари во Приштина, изјави дека откажувањето на учеството на Косово на воените вежби „Дефендер Европа 2023“ е првата последица за Владата на Косово, бидејќи ги отфрлила повиците на Вашингтон да не ескалира ситуацијата на северот на Косово, пренесе Бета.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 26 мај предупредил дека постапките на Владата на Косово во северните општини ќе имаат последици врз билатералните односи.

„Првиот показател за тоа беше одлуката што ја донесе синоќа американскиот командант за Европа да го откаже учеството на Косово на ‘Дефендер Европа 2023’. Тие вежби се завршени за Косово“, рече Ховенир.

Прочитајте и:  Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид

САД ја критикуваа Владата на Косово, нагласувајќи дека на 26 мај новите албански градоначалници во северните општини „насилно влегле“ во општинските згради на север.

Ховениер рече дека САД исто така размислуваат за други одлуки што треба да донесат поради тоа.

„Побаравме косовскиот премиер Албин Курти веднаш да преземе чекори за деескалација на ситуацијата на север. Тој не одговори на тие барања. Затоа размислуваме кои ќе бидат нашите следни акции“, додаде тој.

МИА

- Реклама -