Командата на НАТО во Неапол распоредува дополнителни сили на Косово

НАТО денеска соопшти дека распоредува дополнителни сили на Косово. Причината, како што се вели во соопштението на Алијансата, се судирите на северот на Косово во кои беа повредени 30 војници од мировните сили на НАТО на Косово.

„Распоредувањето на дополнителни сили на НАТО на Косово е мерка на претпазливост за да се осигура дека КФОР ги има потребните капацитети за одржување на безбедноста во согласност со нашиот мандат на Советот за безбедност на ОН“, истакна адмирал Стјуарт Б. Мунш од командата на заедничките сили во Неапол.

Како што соопшти Алијансата, на Косово ќе бидат распоредени Оперативните резервни сили (ORF) за Западен Балкан, кои беа со статус на подготвеност за распоредување во рок од 7 дена. Паралелно, дополнителен мулти-национален баталјон од резервни сили ќе премине од статус на подготвеност за распоредување за 14 дена, на статус за распоредување за 7 дена.

Прочитајте и:  Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид

„Сакам да го пофалам КФОР за брзата, воздржана и професионална интервенција за запирање на немирите и спасување на животи. Насилството мора да запре и сите страни да престанат со акциите кои го поткопуваат мирот во било која од општините на Косово“, порача адмиралот Мунш во соопштението.

Командата во Неапол, се додава, внимателно ја следи ситуацијата во Косово и ќе ги продолжи координациите со КФОР за да се осигура дека тие ги имаат сите потребни капацитети и сили за целосно да обезбедат безбедна средина и слобода на движење за сите заедници на Косово, согласно мандатот врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

- Реклама -