Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ била и ќе остане на бродот кон ЕУ, загрижува антимакедонски фронт на СДСМ и ДУИ

Цело ВМРО – ДПМНЕ е на бродот кон ЕУ, било и ќе остане на тој брод. Вака денеска одговори на новинарско прашање, претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Кавадарци.

„Мене ме загрижува дел од раководството на СДСМ, заедно со ДУИ, наместо, како што они го нарекоа европски фронт, формираа антимакедонски фронт. И тоа ме загрижува, бидејќи тоа е една појава на уништување на сопствениот народ, за да може да биде задржана позиција уште некој месец, месец повеќе. И таа пракса што денеска ја гледаме и што се случува во Македонија, ќе остави навистина серозни последици“, рече Мицкоски.

Ќе требаат години, додаде, да се решат тие последици.

„Јас сакам да му порачам на Ковачевски, да не си игра со трпението на македонскиот народ, Да престане да го уништува македонскиот идентитет, за да може тој и малкумина, не цело СДСМ, малкумина коишто се нарекуваат себеси за раководство на СДСМ, да ги задржат своите позиции, да распродаваат“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Според него, сево ова ќе заврши.

„За неколку месеци од денеска имаме техничка влада, ќе имаме и претседателски, парламентарни избори. Прашањето е, каква трага ќе остави позади себе и каков однос ќе има откако ќе се шета низ македонските улици и сокаци овој човек, имајќи предвид се што му направи на македонскиот индентитет, македонскиот народ, за ова кратко време, откако беше назначаен за претседател на Владата. Затоа го предупредувам, барем овие неколку месеци коишто му преостанаа да биде премиер, достоинствено да ги помине, без да прави дополнителна штета на македонскиот идентитет и да се приклучи на македонскиот фронт и на фронтот којшто вистински нуди европска перспектива за Македонија и за македонскиот јазик“, подвлече Мицкоски.

Заедно со градоначалникот Митко Јанчев, тој изврши увид во неколку инфраструктурни проекти.

МИА

- Реклама -