И патот на Шведска кон ЕУ не бил лесен, изјави денеска шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин, порачувајќи дека треба да се искористи силниот геополитичкиот моментум за да продолжи евроинтегративниот пат на земјава и да се донесат уставните измени.
„И нашиот пат, на Шведска, не беше лесен. Пред да станеме членка имавме референдум каде што имавме 52 отсто граѓани кои сакаа да влезат во ЕУ, што беше многу мала бројка. Требаше да се откажеме од некои наши специфични производи, но беше јасно дека членството ќе ја зајакне нашата економија, бевме и воено неутрални, но имаше јасна определба дека Шведска припаѓа на ЕУ. Денес поддршката за членство е 68 отсто и ние сме европски граѓани исто колку што сме и Швеѓани“, изјави Ларсон Џаин, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
Заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир, тие повикаа да се изгради национален консензус за евроинтеграциите, а поларизираноста во политичката дебата да се замени со конструктивен политички дијалог.
„Не сакам да навлегувам во дебатата во врска со промените на Уставот, освен да кажам дека тоа е суверена одлука на државата којашто треба да ја преземе или не, но сакам да повикам на отвореност, политичка одговорност и да се имаат предвид долгорочните цели и интереси на оваа земја и нејзината иднина во рамките на Европската Унија“, порача Гир.
Според него, патот кон ЕУ е така поставен и за да се постигне таа цел е многу јасно она што треба да се направи.
„Сето тоа е остварливо, но не е едноставно; тоа се заснова врз спроведувањето на реформите коишто се од суштинско значење и кои ќе ја променат оваа земја, реформи што се потребни за да се заштити оваа држава за кога ќе биде членка на ЕУ да ја има отпорноста и да може да се натпреварува со останатите земји-членки на ЕУ и да има корист од проширувањето“, рече евроамбасадорот.
Ларсон Џаин, пак, порача дека политичката реалност треба да ѝ даде на земјата поттик кон европскиот процес на проширување, како и дека ЕУ е посветена на процесот на проширување кон Западен Балкан и дека оваа посветеност ја покажува и со дела, а не само со политички изјави.
„Северна Македонија ужива и големи придобивки од оваа поврзаност со ЕУ, но се соочува и со предизвици, како што е сиромаштијата и корупцијата. Сакам да нагласам дека корупцијата го кородира општеството и се заканува на функционирањето на економијата и ја уништува и конкурентноста. Борбата против корупцијата и други елементи за владеење на правото се многу значајни за членството во ЕУ и треба да се знае дека ова се области каде што земјите-кандидати треба да започнат токму од оваа позиција“, порача шведката амбасадорка.
За целта за членство до 2030 година и дали е остварлива, а во конктекст на геополитичкиот моментум, Ларсон Џаин рече дека тоа зависи од самите граѓани.
„Додека вие го туркате овој процес и сте дел од фундаменталните промени што се потребни за да се направи оваа земја подготвена за членството во ЕУ, таа цел е остварлива“, рече амбасадорката.
„Вистината е дека пред да се пристапи во ЕУ, треба да има процес на трансформација којшто ќе треба да се одвива и од овие реформи придобивки ќе имаат самите граѓани на Северна Македонија, и тоа не од денот кога ќе станете членки, туку од денот кога самите реформи ќе се спроведуваат“, додаде таа.
Поларизираноста во политичката дебата, подвлече Ларсон Џаин, треба да се замени со конструктивен политички дијалог со цел да се изгради национален консензус во однос на целта за евроинтеграциите.
„Политичките лидери ќе одлучат дали ќе направат устави измени во согласност со посветеноста да се отворат преговори и ова е во рацете на политичките лидери за да се оди во оваа насока“, додаде амбасадорката.
Извор: МИА