Пригожин демантира дека му понудил на Киев да ги открие позициите на руските војници

Евгениј Пригожин, командантот на руската паравоена група „Вагнер“, денеска го демантираше написот во „Вашингтон пост“ дека ѝ понудил на украинската Влада да ѝ ја открие локацијата на руските трупи.

„Вашингтон пост“, повикувајќи се на тајните документи од американското разузнавање кои „протекоа“ на платформата Discord, објави дека во јануари Пригожин му понудил на Киев да ја открие позицијата на руските војници во Бахмут, во замена за непречено повлекување на силите на „Вагнер“ од овој фронт. Според весникот, понудата на Пригожин дошла преку неговите контакти со украинската разузнавачка служба, но Киев ја одбил таквата „зделка“.

Белата куќа одбива да го коментира извештајот.

Пригожин, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, веќе со месеци, а сѐ погласно и погласно, ја критикува Москва и особено рускиот воен врв за непромислени потези на бојното поле и испраќање на руските војници во сигурна смрт, а неодамна дури и се закани со повлекување од Бахмут ако неговите сили, кои се во првите редови во битката за Бахмут, не добијат муниција.

Прочитајте и:  Варшава: Руски разузнавачки служби веројатно стојат зад серијата експлозии во курирски центри низ Европа

Извор: МИА

- Реклама -