Влада: САД директно ѝ порачаа на опозицијата да ги поддржи уставните измени, евроинтеграцискиот процес започна и никој нема да го врати назад

Вашингтон директно ѝ порача на опозицијата да го поддржи европскиот пат на државата, да поддржи уставни измени и да не блокира закони од клучно значење за државата, велат од Владата, сумирајќи ја посетата на владината делегација на САД.

Во САД, посочуваат од „Илинденска“, добиле „недвосмислена и силна поддршка за продолжување на европскиот пат на државата“. Тоа, потенцираат, значи спроведување на уставните измени, односно усвојување на амандманите и продолжување на преговорите како што се пропишани согласно Преговарачката рамка.

„САД преку своите високи функционери ја нагласуваат поддршката што ја имаме за продолжување на европскиот пат, како и нивната недвосмислена поддршка за носење на овие одлуки коишто се потребни во нашето Собрание и таа порака беше директна и до опозицијата – идеолошките разлики не можат да бидат пречка за напредок на државата и за носењето на одлуките што се важни за граѓаните, а не за политичките партии, а најмалку пак за нивните лидери, бидејќи лична кариера на некого е многу помалку важна од иднината на државата“, истакнале владини извори за МИА.

Тие порачуваат дека евроинтеграцискиот процес е „неповратен процес којшто е започнат и не може некој да го врати назад, ниту да го однесе во друга насока“.

„Единствено што може да прави е заради личен интерес да го забави; веќе имавме такво забавување 11 години за кое сфативме дека никој немаше никаков бенефит, а најмалку оние кои го кочеа процесот. Затоа (САД) и изразија загриженост заради блокадата којашто опозицијата ја прави во Собранието не само во овој процес, туку и во други процеси“, велат тие.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Од Владата повторуваат дека „ова е првпат блокадата да не доаѓа од надвор, туку од внатре, од опозицијата“. Тоа де факто е против сите процеси што ја носат државата напред, тврдат, додавајќи дека ова не е процес на еден човек или партија, туку одлуки и процеси од кои, како што велат, зависи иднината на сегашните и на идните генерации.

Од Владата се упорни дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници и претставници на раководството кои „не мислат како дел од актуелното раководство“ и кои сакаат земјата да го продолжи патот кон ЕУ. Тие поединци, велат од „Илинденска“, треба да се охрабрат.

ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии треба да бидат дел од носењето на оваа одлука, бидејќи да не се биде дел од вакви одлуки е невредно за една политичка партија која постои од првиот ден од осамостојувањето на државата, додаваат од Владата.

Сепак, потенцираат дека не е разговарано директно со пратеници од опозицијата, ниту пак е разговарано како тие да одлучуваат, туку „обврска на секој поединец е да носи одлуки од интерес на граѓаните“.

Извор: МИА

- Реклама -