Шолц: Европа многу му должи на украинскиот народ и лично на претседателот Володимир Зеленски

Германскиот канцелар Олаф Шолц, за време на доделувањето на наградата „Карло Велики“, која денеска во Ахен му беше доделена на украинскиот претседател и на украинскиот народ за нивниот отпор и храброст во борбата против руската инвазија, му се заблагодари на Володимир Зеленски за одбраната на европските вредности.

Германскиот канцелар, во својот говор, потсети како Зеленски ја покажал украинската решителност уште утрото кога Москва го започна нападот.

„Претседателот е тука. Сите сме тука“, рече Шолц на украински, цитирајќи ја првата видеопорака на Зеленски по инвазијата, со која ги поби шпекулациите дека побегнал од земјата.

„Ретко во историјата толку куси зборови имаа толку голем ефект. Веднаш беше јасно дека украинскиот народ нема да попушти на насилството на Русија, туку ќе се спротивстави“, оцени Шолц.

Тој истакна дека Европа многу му должи на украинскиот народ и лично на претседателот Володимир Зеленски.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

„Ние стоиме заедно! Ние припаѓаме заедно! И нашата приказна ќе продолжи заедно“, додаде германскиот канцелар.

За доделувањето на наградата „Карло Велики“, Шолц порача дека тоа е само увертира за понатамошен заеднички раст во Европа.

„Ако Владимир Путин веруваше дека може да употреби сила за да ја одврати украинската нација од нејзиниот пат кон Европа, тогаш тој – со сите негови тенкови, дронови и ракетни фрлачи – не направи ништо друго освен спротивното“, рече Шолц.

„Волјата за слобода и издржливоста во мрачните времиња даваат надеж и инспирација многу подалеку од Украина. На чело на целиот украински народ, вие ги браните вредностите за кои се залага Европа“, додаде тој, обраќајќи му се на Зеленски.

Извор: МИА

- Реклама -