Детектор: Македонците „против“, Албанците „за“ францускиот предлог и преговарачката рамка со ЕУ

Мнозинството граѓани – 55.7 отсто се против преговарачката рамка која Владата ја договори со Европската Унија и сметаат дека со тоа земјава се става во потчинета положба, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според истражувањето, само 28.1 отсто од испитаниците даваат поддршка за преговарачката рамка, при што Македонците и Албанците имаат сосема различни ставови.

„Додека 70 отсто од Македонците се против преговарачката рамка, дури 75 отсто Албанци даваат поддршка. За преговарачката рамка се само 13.2 отсто од Македонците, додека против неа се само 11.5 отсто етнички Албанци. Најмалку граѓани против преговарачката рамка има во Полошкиот регион, а најмногу во Вардарскиот без Скопје и на Југоистокот“, покажуваат резултатите од испитувањето.

Граѓаните се поделени и околу можноста да се преговара за нова рамка.

Од нив 37.1 отсто сметаат дека тоа е можно, додека 36.4 отсто, пак, сметаат дека репреговарање на преговарачката рамка не е опција. Тука нема некоја голема разлика меѓу ставовите на доминантните етнички групи. Кај Македонците 36.3 отсто сметаат дека може, а 36.7 отсто дека не може повторно да се преговара за нова рамка. Кај етничките Албанци, 40.6 отсто се на ставот дека е можно да се договори и нова преговарачка рамка, додека 34.9 отсто дека не може, покажуваат резултатите од анкетата.

Близу две третини од граѓаните велат дека имаат доволно информации за францускиот предлог.

Ваков став делат 59.1 отсто од анкетираните, додека една третина или 33.9 отсто рекле дека немаат доволно информации за преговарачката рамка. Македонците се подобро информирани од Албанците. Од етничките Македонци 66.2 отсто рекле дека имаат доволно информации за францускиот предлог со кој се тргна бугарското вето, додека 44.5 отсто етнички Албанци велат дека не се доволно информирани, се гледа од анкетата.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

На близу половина од граѓаните воопшто не им е позната разликата меѓу францускиот предлог и преговарачката рамка.

Ваков став имаат 49.6 отсто од анкетираните, додека 31.1 отсто рекле дека ја знаат разликата. Од анкетираните 50.9 отсто сметаат дека преговарачката рамка е на штета на македонските национални интереси и се согласуваат со тврдењето дека оваа преговарачка рамка ја става земјава во потчинета положба и претставува вовед во бугаризација, а само 21 отсто се согласуваат со тврдењето дека преговарачката рамка ги зема предвид повеќето македонски барања и го гарантира македонскиот идентитет. Но Македонците и Албанците имаат дијаметрално спротивни ставови. Додека 62 отсто од Македонците сметаат дека преговарачката рамка е вовед во бугаризација, дури 54.4 отсто од Албанците се на ставот дека преговарачката рамка го гарантира македонскиот идентитет, се истакнува во анкетата.

Најзагрижени дека преговарачката рамка е вовед во бугаризација се повозрасните и граѓаните меѓу 30 и 39 годишна возраст. Најмала е загриженоста кај најмладите.

Близу половина од граѓаните или 48,4 отсто сметаат дека има многу дезинформации по ова прашање, додека 26.9 отсто велат дека нема дезинформации, се посочува во анкетата.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници.

МИА

- Реклама -