Премиерот Димитар Ковачевски ги отфрли како шпекулација информациите дека депонирал оставка.
„Не постои такво нешто и можете да отидете и да проверите во архивата. Такво нешто не постои како документ. Најверојатно тоа е некоја шпекулација“, изјави денеска Ковачевски, одговарајќи на прашања по поставувањето на камен-темелник на новата фабрика на канадската компанија „Магна“ во Штип.
Прашан дали оставката била напишана рачно од негова страна по кавгата што ја имал со негов пратеник, Ковачевски одговори дека немало никаква кавга.
Претходно, порталот „Експрес.мк“ објави дека Ковачевски, по тензична расправа со негови сопартијци, потпишал документ со оставка која била упатена кон архивата на Собранието, на што реагирал спикерот Талат Џафери и таа не била примена во архиварницата. Потоа Али Ахмети и Џафери го разубедиле Ковачевски дека не смее да дава оставка, тврди порталот, кој пишува и дека оставката, пред да биде доставена, била искината од луѓе на ДУИ.
Причината за расправијата, наводно, било тоа што пратеници на СДСМ му посочиле на Ковачевски дека тој нема апсолутна поддршка за уставни измени и дека не треба да се брза со внесувањето на Бугарите во Уставот, како и дека тоа (поради неодобрувањето кај граѓаните) заедно со спорниот договор со „Бехтел и Енка“, би биле два преголеми скандали за да може СДСМ да ги преживее на следните избори.