НАТО отвора канцеларија за врски во Јапонија, прва таква во Азија

Јапонија е во преговори за отворање канцеларија за врски на НАТО, прва од ваков вид во Азија, изјави денеска министерот за надворешни работи Јошимаса Хајаши во ексклузивно интервју за Си-Ен-Ен. Тој потенцира дека руската инвазија на Украина го направи светот помалку стабилен.

„Веќе сме во разговори, но сè уште не се финализирани детали“, рече министерот за надворешни работи Јошимаса Хајаши.

Хајаши конкретно ја наведе руската инвазија на Украина минатата година како настан со последици далеку надвор од границите на Европа, што ја принуди Јапонија да ја преиспита регионалната безбедност.

„Ако нешто што се случува во Источна Европа, тоа не е ограничено само на прашањето во Источна Европа, и тоа директно влијае на ситуацијата овде во Пацификот. Затоа соработката меѓу нас во Источна Азија и НАТО станува… сѐ поважна“, изјави тој.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

Тој додаде дека Јапонија не е членка на НАТО, но дека овој потег испраќа порака дека партнерите на блокот од Азискиот Пацифик „се ангажираат на многу стабилен начин“ кога е во прашање НАТО.

НАТО има слични канцеларии за врски и на други места, вклучувајќи ги Украина и Виена, Австрија. Канцеларијата за врски во Јапонија ќе овозможи, како што велат од Алијансата, разговори со безбедносните партнери на НАТО, како што се Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд, за геополитичките предизвици, новите технологии и кибер заканите.

Извор: МИА

- Реклама -