На Ковачев не му бил дозволен влез бидејќи патувал со лица кои МВР ги смета за ризични, тој не е меѓу нив – вели МНР

„Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија“, соопшти денеска Министерството за надворешни работи во пишана изјава до медумите, откако бугарскиот европратеник Андреј Ковачев денеска во интервју за БТВ побара прецизно објаснување од официјално Скопје зошто не бил пуштен на граничниот премин за влез во земјава на 6 мај, пред, како што рече тој, „да разгледува можност за ново вето кон Македонија“.

Одговорот од МНР го пренесуваме во целост:

„За Владата на Северна Македонија приоритетно прашање е членството во ЕУ. За таа цел се ставени на располагање сите владини и административни ресурси за успешно завршување на скрининг процесот и отворање на првиот кластер – фундаменти.

Паралелно се работи и на уставните измени кои влегуваат во клучна фаза, каде за кратко време работната група треба да излезе со предлог амандманите.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Сензитивноста на овој процес не остава простор за преземање на најмал ризик кој би влијаел негативно на успешното спроведување на измените.

Во таа насока, на 6 мај, на граничниот премин Ново Село, „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија“.

Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал.

Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија“.

МИА

- Реклама -