„Режимот на СДС и ДУИ повторно направи преседан преку кој ги сруши сите правни постулати!“, обвини политичката партија Левица, која со илјадници амандмани ги блокираше, како што велат, анти-работничките и штетни закони за Коридорот 8.
„Во скандалозна изјава, Маричиќ потврди дека европско знаме е ставено на пет закони за Коридорот 8, со цел да се заобиколи легитимната борба на Левица преку парламентарните механизми“, велат од Левица.
Во реакцијата, тие го потсетуваат Маричиќ дека концептот на филибастеринг не е преседан, туку, како што велат, „напротив – неговиот коалиционен партнер Џафери го воведе филибастерингот за да го блокира Законот за бранители“. Разликата е, велат од партијата, што тогаш никој не се дрзнал „на ваков насилнички начин, со вршење на кривично дело, да го заобиколи филибастерингот“. Тоа, според нив, потврдува дека „ова е најнасилничкиот режим во историјата на Македонија!“.
„Самоволието на оваа неспособна гарнитура ја разоткри самиот Маричиќ, кој потврди дека предлог-законите не се усогласени со европски акти и поради тоа, оставен е празен простор во делот за потребата од изменување на конкретните закони поради усогласување со законодавството на Европската Унија“, се посочува во соопштението.
„Загрижува фактот што и покрај изјавите на Делегацијата на ЕУ во Македонија за злоупотреба на европското знаме за овие закони, Владата упорно постапува незаконски, со цел реализација на контроверзниот и таен договор со ‘Бехтел и Енка’“, велат од Левица.
„Бидејќи петте поднесени предлог-закони со европско знаменце НЕ СЕ УСОГЛАСЕНИ со член 135 став 4 и став 5 од Деловникот, Претседателот Таљат Џафери треба да побара предлагачот (односно Владата) во рок од 15 дена да ги усогласат. Во спротивно, Левица ќе поднесе кривична пријава против Џафери поради злоупотреба на службена положба“, најави партијата.
Тие се заканија и со кривични пријави за фалсификување исправа против министрите Благој Бочварски, Фатмир Бесими и заменик-министерот Енвер Хусејин, кои како подносители на петте предлог-закони, како што велат, „свесно лажираат дека постои ваква ЕУ регулатива“.