Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес, што е национален интерес и кои преговарачки карти треба да ги држи во свои раце, изјави министерот за надворешни работи на Грција – Никос Дендиас, за трите меморандуми со земјава кои сѐ уште не се ратификувани во грчкиот Парламент.
„Секогаш, секоја Влада оценува кој е националниот интерес и кои карти за преговарање треба да ги држи во свои раце. Така што, мислам дека грчката Влада, новата грчка Влада што ќе произлезе по изборите, за што се надевам и изразувам сигурност дека тоа ќе бидеме ние, ќе го разгледа прашањето и ќе види што е во интерес на Грција“, рече Дендиас во интервју за грчкиот информативен портал „Ин“, јави дописничката на МИА од Атина.
Прашан дали би се обврзал дека по изборите меморандумите ќе бидат изгласани, Дендиас одговори дека тоа не е во негова надлежност.
„Пред сè, и кога би се обврзал јас, не би било важно, бидејќи ако има обврзување тоа треба да дојде од лидерот на партијата и сегашниот и иден премиер. Јас сум министер, не сум премиер“, рече шефот на грчката дипломатија.
Извор: МИА