Министри во Владата не открија колку им се зголемени платите, Груби вели добро е што одлуката на Уставен не е ретроактивна

Дел од министрите во Владата денеска на прес-конференција за измените и дополнувањата за закони поврзани со реализација на проектот за изградба на Коридорите 8 и 10д, на новинарско прашање колку им се зголемени платите, не дадоа одговор.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, рече дека во однос на платите, нема ништо незаконски и оти сите плати се различни.

„Платите се во согласност со законот. Навистина е добро што Уставниот суд не донесе ретроактивна одлука, затоа што од 2011 година е замрзнат коефициентот и по однос на платите апсолутно нема ништо незаконски, туку се однесува на неуставна одлука што е донесена во 2011 година за замрзнување на коефициентот и ова прашање беше дебата од страна на пратениците веќе 12-13 години. И добро е што Уставниот суд не донесе одлука да важи ретроактивно, што би значело дополнителни 12 години“, рече Груби.

Прочитајте и:  Стоилковиќ: Во Министерството за односи меѓу заедниците недостасувале 40.000 евра

Министерот за финансии Фатмир Бесими во однос на новинарското прашање само додаде дека станува збор за 1.600 функционери.

„Законот опфаќа судии, обвинители, градоначалници, советници на општините, директори… Многу широк опфат“, рече Бесими.

МИА

- Реклама -